Фото: МИА

Поранешниот директор на Клиниката за онкологија, Никола Васев, и поранешниот организациски директор Нехад Нухи се ослободени од притвор откако Основниот кривичен суд Скопје ја прифати понудената гаранција обезбедена со хипотека на недвижен имот и им определи мерки на претпазливост.

Како што соопшти Судот, одлуката е донесена по предлог на одбраната и по добиено позитивно мислење од надлежното Јавно обвинителство.

За Васев е прифатена гаранција во вредност од 183.981 евро, додека за Нухи гаранцијата изнесува 348.049 евра. Во двата случаи станува збор за недвижен имот ставен под хипотека во корист на државата.

Покрај гаранцијата, на двајцата обвинети им се изречени мерки на претпазливост, меѓу кои забрана за напуштање на живеалиштето на територијата на Скопје, обврска еднаш месечно да се јавуваат во судот, како и привремено одземање на патните исправи и забрана за издавање нови документи за патување.

Од Кривичниот суд посочуваат дека при носењето на одлуката бил земен предвид и фактот дека мерката притвор може да трае најдоцна до 18 јули 2026 година. Бидејќи Обвинителството се откажало од правото на жалба, а понудените хипотеки веќе биле впишани во Катастарот, решенијата станале правосилни и обвинетите биле пуштени на слобода.

Васев и Нухи се обвинети во предметот „Онкологија 2“, во кој според обвинението во периодот од 2018 до 2022 година незаконски набавувале лекови преку фиктивни тендери и присвојувале дел од терапијата, при што државниот буџет бил оштетен за речиси 36 милиони евра.

Паралелно се води и предметот „Онкологија 1“, во кој Васев и уште двајца лекари се обвинети за несовесно лекување пациенти.

Во февруари годинава Судот го одби барањето за укинување на притворот, иако беа понудени имотни гаранции, но сега по позитивното мислење на Обвинителството и исполнувањето на законските услови, Кривичниот совет донесе поинаква одлука.