Фото: Маја Јаневска-Илиева

Уставниот суд денеска ја укина Одлуката за давање одобрение за основање на Приватно средно училиште „Медресеја Иса Беу“ – скопското село Кондово, која е донесена од страна на Владата на 26 март 2024 година.

Судот оцени дека Одлука на Владата е незаконита и неуставна, бидејќи Владата дала согласност, односно дозволила Исламската верска заедница ИВЗ да биде основач на средно училиште – гимназија.

-Ова е во спротивност со членот 7 од Законот за средно образование кој забранува верско организирање и дејствување и истакнување на верски симболи во средните училишта. Исто така содржината на Одлуката не е во согласност со Амандманот 7 од Уставот според кој верските заедници можат да основаат само верски училишта во кои се предава веронаука, односно се проповеда и изучува конкретна религија – се наведува во соопштението од Уставниот суд.

Според судијата-известител Ана Павловска-Данева, Уставниот суд со својата одлука донесена со мнозинство гласови и овој пат, како и во повеќе наврати претходно со своите одлуки донесени во различни судиски состави, застана на браникот на секуларноста на државата.

-Уставниот суд ја укина Одлуката на Владата на РСМ донесена на 26 март 2024 година со која е одибрено основање на Приватно средно училиште „Медреса Иса Беј” со образложение дека согласно амандманот VII точка 2 од Уставот е утврдено дека МПЦ, ИВЗ, Католичката црква, Евангелско-методистичката црква,, Еврејската заедница и другите верски заедници и религиозни групи се слободни во основање верски училишта и социјални и добротворни установи во постапка предвидена со закон. Ниту Уставот, ниту пак било кој закон во државата не допушта и не предвидува постапка за основање на приватно средно училиште со граѓанско образование од страна на верска заедница или религиозна група. Оттука, Уставниот суд одлучи дека Владата во март 2024 година донела противзаконска и неуставна одлука и истата ја укина – посочува во писмена изјава Павловска-Данева.

Судот ги прифати како основани наводите во иницијативата дека со донесувањето на оспорената одлука Владата ја повредила уставната одредба за одвоеност на државата од верските прашања.