Еден млад пациент доби срце, а кај двајца пациенти на дијализа веќе се трансплантираат бубрезите. Уште неколку пациенти во наредните денови ќе можат да добијат коскени ткива, соопшти на својот Фејбук профил министерот за здравство Беким Сали.
-Вчера во претпладневните часови едно храбро семејството одлучи да ги донира органите од својот близок кај кој беше потврдена мозочна смрт. По направените подготовки и координацијата помеѓу тимовите од интерните и хируршки клиники, доцна во ноќта започа експлантацијата, а веднаш потоа и трансплантацијата, најпрво на срцето, а утрово и на двата бубрега-посочи тој.
Според него, со нивната хумност и одлуката да ги донираат органите, ова семејство подарило живот на најмалку тројца пациенти, а на сите ни донело утро полно надеж.
-И за тоа сме им бескрајно благодарни. Благодарност и до медицинските тимови од сите клиники вклучени во експлантацијата и трансплантацијата, кои изминатото деноноќие неуморно работеа и се уште работат-рече министерот Сали.