Секој малку учен човек знае дека ако не постоеше Илинден 1903-та, не ќе постоеше АСНОМ 1944-та, ако не постоеја и едниот и другиот историски чин, не ќе постоеше ни третиот Илинден – независноста од 1991 година. Повеќе од сигурно е дека не ќе постоеше ниту еден друг подоцнежен договор, најмалку како овие што се постигнати по освојувањето на самостојноста. Без почитување на основните програмски определби на АСНОМ, Македонија ги нема суштината, природата и основните карактеристики на современото општество на единство, слобода, рамноправност, толеранција и дијалог…
Паралелно со позитивните напори за почеток на преговорите за членство во Европската Унија тече без запир внатрешното уривање на столбовите на државноста на Република Македонија. Истовремено со тој процес се вршат и потиснување и минимизирање на позициите на Македонците. Иако како население се во убедливо мнозинство, во текот на овие три децении стануваат политичко малцинство туркано на маргините на одлучувањето за сопствената иднина. Примери за таквите процеси има премногу. Еден од нив се омаловажувањето и константното намалување на вредностите на АСНОМ, на неговите одлуки и донесени документи.
Во последно време, повеќето политичари од албанскиот блок, а не изостануваат ниту од македонскиот, упорно ја објавуваат, форсираат и ја наметнуваат тезата дека сегашноста и иднината на Република Македонија (сега Северна) се заснова на три документи. Тоа се Охридскиот договор, Спогодбата од Преспа за името со Грција и Договорот за пријателство, добрососедство и соработка со Бугарија. Како цреша на врвот на оваа новофилувана торта го додаваат и францускиот предлог за отклучување на преговорите за влез во Унијата. Според тие мислења, кои никој не се обидува да ги дообјасни или демантира, Македонија не може да опстане како модерна држава.
Со примена на трите (четирите) документи е сменето лицето на државата. Таа преобразба е направена преку нејзиното неколкупати менувано уставно устројство, преку територијалната поделба и преку формирањето гласачки зони според национален, а не граѓански и демократски клуч. Наместо цврста стабилност и развој, доведоа до неизвесност, до страв за иднината на Македонците. Со конечната промена на името на државата сменето е името на сите државни институции, кои го изгубија својот македонски национален предзнак. Според новите називи, тие се ничии, без номинален сопственик.
Неоспорно е дека споменатите документи се реалност и актуелност, а од некои политички блокови сметани дури и за историски достигнувања.
Во целиот историско-политички галиматијас со прашањата што се поставија и со решенијата што се прифатија не се споменуваат, или намерно се забораваат, основните документи на државата Македонија, оригинална, каква што беше создадена. Тоа се документите од АСНОМ, со кои е заокружена и формирана македонската државност. Со АСНОМ е потврдена самобитноста на македонскиот народ, на неговата историја, јазик и писмо. Секое негово разградување е разградување на позициите на Македонците во сопствената држава, изместување од каменот на кој тие ги поставија темелите за свои на своето. Првото заседание, всушност, го претставува државното конституирање на македонскиот народ и народностите во Македонија. АСНОМ не беше случајност, туку плод на националниот стремеж на македонскиот народ за сопствена држава, за која се сонуваше со генерации.
Со неговите одлуки и документи е остварен вековниот сон на македонскиот народ, беше ставено во кош македонското прашање тоа јаболко на раздорот на Балканот. Тој е дел од во колективната меморија на македонскиот народ и деловите од другите народи што живеат во државата. Со „асномски дух“ Македонија беше градена во минатите безмалку осумдесет години како држава на Македонците и на македонското мултинационално и мултикултурно општество.
Иако никому, сепак некому треба да му се докажува дека одржувањето на Првото заседание на АСНОМ (Антифашистичко собрание на народното ослободување на Македонија), во август 1944 година, претставува клучен пресвртен миг во развитокот на македонското националноослободително движење. Ова заседание ги сублимира неговите веќе достигнати резултати од времето на ослободителните востанија од крајот на XIX век, Илинденското востание од 1903 година и подоцнежниот растеж на тоа движење во Македонија, поделена со Балканските војни и со Првата светска војна. Тоа е круна на антифашистичката НОБ, во чиј тек се потврдени и афирмирани македонската национална свест и самобитност и е дефинирана јасната национална програма за македонска држава.
Секој малку учен човек знае дека ако не постоеше Илинден 1903-та, не ќе постоеше АСНОМ 1944-та, ако не постоеја и едниот и другиот историски чин, не ќе постоеше ни третиот Илинден – независноста од 1991 година. Повеќе од сигурно дека не ќе постоеше ниту еден друг подоцнежен договор, најмалку како овие што се постигнати по освојувањето на самостојноста. Без почитување на основните програмски начела на АСНОМ, Македонија ги нема суштината, природата и основните карактеристики на современото општество на единство, слобода, рамноправност, толеранција и дијалог.
Секако дека АСНОМ нема својства на свето писмо. Некои од одлуките и прогласите ги прегази времето, некои беа демантирани од подоцнежните историски настани како на Балканот, така и во светот пошироко. Тоа најмногу се однесува и на распадот на Титова Југославија и прогласувањето на самостојноста. Тие промени, сами по себе, бараа едно ново гледање, ново вреднување и донесување решенија во согласност соа актуелните општествено-политички процеси.
Во таа смисла е менувана преамбулата на Уставот на Република Македонија по стапувањето во сила на Охридскиот договор, како и по потпишувањето на Преспанскиот. Тој дел од преамбулата најверојатно ќе доживее уште една промена со уфрлање на Бугарите во Уставот, што претставува чиста спротивност на асномските документи, во кои Бугарите што ја окупираа Македонија се направени „парампарче“.
По Преспанската спогодба во уставната преамбула, реченицата „одлуките на АСНОМ“’ беше заменета со „Прогласот на првото заседание на АСНОМ“. Таа отстапка кон Грција е направена од причини што во одлуките беше повикувано на обединување на Македонците од Пиринска и Егејска Македонија. Како што кажа тогашниот претседател на Владата, Зоран Заев, тој акт се направи за да се избегнат проблеми во иднина со Грција. Такво образложение најверојатно ќе се дава и при заложбите за запишување на Бугарите во Уставот, кои треба да бидат наведени како народ што, заедно со другите народи, ја создал Република Македонија. Таа обврска Македонија ја има преземено пред администрацијата на ЕУ.
Без оглед на тоа кој што зборува, изјавува, бара или наметнува, кога се говори за АСНОМ, се мисли на сето она што е постигнато изминативе децении, но и на денешницата и на иднината на нашата држава. АСНОМ е камен-темелникот на она што е денес Република Македонија, со сите свои достигнувања, но и на она што ќе биде во иднина, како на внатрешен така и на меѓународен план. АСНОМ е државотворниот здив на современата македонска држава, кој мора да се негува, да се одржува и да се штити. Тоа е долг и на власта и на опозицијата, особено по отворените посегања по Македонија, по идентитетот, историјата, јазикот и писмото на македонскиот народ.