Фото: Маја Јаневска Илиева

Еврејска заедница во Република Македонија и Фонд на холокаустот на Евреите од Македонија денеска го одбележаа Јом Хашоа, комеморативниот ден посветен на жртвите од Холокаустот и сеќавањето на востанието во варшавското гето во 1943 година.

Претседателот на Еврејската заедница, Пепо Леви, истакна дека денот претставува симбол на сеќавање на шесте милиони Евреи убиени во Холокаустот, како и на 7.144 македонски Евреи депортирани и убиени во логорот Треблинка.

Тој нагласи дека Меморијалниот центар во Скопје претставува симбол на правда и трајно сеќавање, како и доказ дека општеството треба да остане посветено на борбата против омразата, антисемитизмот и дискриминацијата.

Леви предупреди дека современиот свет повторно се соочува со насилство и конфликти, посочувајќи дека трагедиите во различни делови од светот покажуваат дека лекциите од Втората светска војна сè уште не се целосно научени.

Тој особено се осврна на неодамнешниот обид за палење на синагогата во Скопје, оценувајќи го како сериозен антисемитски чин и предупредување за растот на омразата и нетолеранцијата.

На настанот се обрати и в.д. американска амбасадорка Никол Варнс, која порача дека нападот врз синагогата мора најостро да биде осуден и дека ваквите дела претставуваат напад врз вредностите на соживот и почитување.

Таа нагласи дека сторителите мора да бидат изведени пред лицето на правдата и потсети дека одбележувањето на Холокаустот е обврска кон жртвите и преживеаните.

Настанот го одбележа и претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, која запали шест свеќи во спомен на шесте милиони Евреи убиени во Холокаустот.

Во рамки на одбележувањето беше прикажан филмот „Спасување“ и беше отворена изложба на детски цртежи на тема „Холокаустот низ призмата на детските очи“, со доделување награди за најдобрите трудови.