Министерство за економија и труд на Македонија, во соработка со Државен пазарен инспекторат, изработи компаративна анализа на движењето на цените на основните прехранбени и непрехранбени производи, која покажува минимални ценовни промени во периодот од 1 февруари до 1 април годинава.
Според анализата, направена согласно заклучок од 162-та седница на Владата, во наведениот период е регистриран пораст на продажните цени од 0,43%, додека набавните цени пораснале за 1,01%. Истовремено, просечната бруто профитна маржа кај трговците е намалена од 16,28% на 15,80%, што укажува дека дел од зголемените трошоци биле апсорбирани од трговците, соопштија од Министерството.
Анализата опфаќа 55 најпродавани производи следени во четири трговски синџири со различно ценовно позиционирање.
Во рамки на категориите, кај основните прехранбени производи е забележан благ пораст од 0,45%, со најголемо зголемување кај киселото млеко, сирењето, јајцата и маслото за јадење. Кај безалкохолните пијалоци е регистриран пад од 1,01%, додека овошјето и зеленчукот бележат намалување од 0,86%, и покрај поскапувањето на доматите и кромидот. Кај хигиенските производи е забележан пораст од 1,42%.
Од Министерството оценуваат дека ценовните движења се умерени и стабилни, при што нагласуваат дека намалувањето на трговските маржи придонело за задржување на ценовната стабилност.
Институцијата најавува дека и понатаму ќе ја следи состојбата на пазарот и ќе предлага мерки доколку се појави потреба од дополнителна стабилизација на цените.































