Pritvor
Фото: Пиксабеј

Основниот суд во Кавадарци им определи по 30 дена притвор на двајцата осомничени од селото Корешница, кои се товарат за кривично дело грабнување, потврдија од судот.

Одлуката ја донел дежурен судија по претходна постапка, постапувајќи по предлог на Основно јавно обвинителство Кавадарци.

Претходно, обвинителството отвори истражна постапка против двајцата осомничени, по основано сомнение дека на 12 април заедно грабнале лице од неговиот дом во Неготино, со намера да го принудат да даде лажно признание дека сторил силување.

Според обвинителството, при извршувањето на делото бил употребен и пиштол, а жртвата била физички нападната, врзана и однесена во шумски предел кон Демир Капија, каде продолжило малтретирањето и заканите.

И покрај заканите и насилството, оштетениот успеал да испрати порака за помош до полицијата, по што случајот брзо бил расчистен, а осомничените биле идентификувани.

Обвинителството оцени дека постои опасност од бегство и повторување на делото, поради што побара притвор, кој сега е прифатен од судот.