Со свечено дефиле и богата културно-уметничка програма на Плоштад Македонија, вечерва во Скопје официјално беше отворено Светско училишно првенство во ракомет 2026, кое за првпат се одржува во земјава.
Настанот е во организација на Федерација за училишен спорт на Македонија, под покровителство на Министерство за спорт.
Во наредните денови, Скопје ќе биде центар на младинскиот ракомет, обединувајќи повеќе од 700 млади спортисти од 21 делегација од Европа, Азија, Блискиот Исток и Латинска Америка.

На шампионатот, кој ќе трае до 29 април, учествуваат репрезентации од повеќе земји, меѓу кои Германија, Шведска, Бразил, Кина и домаќинот Македонија.
Вкупно 23 машки и 16 женски екипи ќе се натпреваруваат во неколку спортски сали низ градот, меѓу кои СРЦ „Македонско сонце“, СРЦ „Архиепископ Доситеј“, СРЦ „Кочо Рацин“, СРЦ „Крсте Мисирков“ и СРЦ „Антон Димитров“.
Финалните натпревари се закажани за 28 април во салата Расадник, кога ќе се одржи и свеченото затворање.
Во рамки на првенството, на 25 април ќе се одржи „Cultural Day“, посветен на културна размена, како и „Nations Night“, на кој делегациите ќе ги претстават своите земји преку традиција, музика и гастрономија.
































