Државата треба да го засили фокусот на безбедноста во сообраќајот преку продолжување и надградба на проектот „Безбеден град“, како и преку координиран пристап на сите институции, препорачува Транспортната заедница во најновиот извештај презентиран во Собранието.
Директорот на Транспортната заедница Матеј Закоњшек истакна дека, и покрај напредокот, реформите и инфраструктурните проекти мора да се спроведуваат паралелно за да се постигне целосна интеграција во европскиот транспортен пазар.
– Реформите и проектите треба да одат рака под рака за да се постигне интеграција со ЕУ – порача Закоњшек.
Според податоците, најголем напредок има во железничкиот сектор – 62 проценти од планираните активности се реализирани, додека кај патиштата напредокот е 52 проценти. Во делот на безбедноста на патиштата напредокот изнесува 44 проценти, а кај олеснувањето на транспортот 29 проценти.
И покрај тоа, Транспортната заедница предупредува дека е неопходно да се забрза модернизацијата на железницата, која долго време била запоставена, како и да се реши поврзувањето со Бугарија преку изградбата на меѓуграничниот тунел и пругата Скопје – Софија.
Кај патната инфраструктура се бележи напредок, но се укажува дека недостасува долгорочно планирање за одржување.
– Проектите се реализираат, но финансирањето за одржување не е навремено испланирано – посочи Закоњшек.
Посебен акцент е ставен на безбедноста во сообраќајот, каде што Македонија има значително повисока стапка на смртност од просекот во ЕУ – околу 77 жртви на милион жители.
– Целта не е намалување, туку нула жртви. Тоа може да се постигне само со пристап во кој целото општество е вклучено – нагласи Закоњшек.
Како клучни мерки се препорачуваат формирање агенција за безбедност на патиштата, подобрување на статистиката и усогласување со европските стандарди, како и целосна примена на интелигентни транспортни системи.
Во делот на транспортот, укажано е и на потребата од намалување на задржувањата на границите, бидејќи долгите чекања го намалуваат ефектот од модерната инфраструктура.
Во извештајот се нотира дека во земјата се реализирани или се подготвуваат железнички проекти во вредност од околу 1,15 милијарди евра, со вкупно 365 километри нови или модернизирани делници, пренесе МИА.
Претседателот на собраниската Комисија за европски прашања Антонијо Милошоски оцени дека транспортната политика е важен дел од евроинтегративниот процес и дека Транспортната заедница претставува значаен партнер.
Тој додаде дека системот „Безбеден град“ веќе дава резултати и ќе се проширува, со очекување за намалување на бројот на сообраќајни несреќи и жртви.
































