Заменик-шефицата на македонската делегација во Советот на Европа во Стразбур, Иванка Василевска, соопшти дека упатила директно прашање до генералниот секретар на Советот на Европа, Ален Берсе, во врска со десетгодишната забрана за влез во Бугарија за адвокатот Тони Менкиноски.
Како што информира Василевска преку објава на социјалните мрежи, поради ограниченото време за поставување прашања, интегралното прашање дополнително било доставено и во писмена форма до кабинетот на Берсе.
– Како член на македонската делегација, дозволете ми јасно и директно да прашам: дали Советот на Европа ќе реагира, и со кои конкретни механизми ќе постапи во случајот со адвокатот Менкиноски? – наведува Василевска.
Таа посочува дека изречената мерка отвора сериозни сомнежи за повреда на Европската конвенција за човекови права, особено во делот на правото на правично судење.
– Оваа мерка отвора сериозни сомнежи за повреда на член 6 од Европската конвенција за човекови права – правото на правично судење, кое подразбира ефективен пристап до адвокат и непречено правно застапување – нагласува таа.
Дополнително, Василевска укажала и на можност за злоупотреба на ограничувањата на правата.
– Се поставува прашањето и за повреда на член 18 од Конвенцијата – забрана за злоупотреба на ограничувања на правата за цели различни од оние пропишани со Конвенцијата – стои во прашањето.
Таа вели дека истакнала оти ваквата постапка, според неа, е во спротивност и со принципите за заштита на адвокатската професија.
– Адвокатите мора да можат да ги вршат своите функции слободно, независно и без заплашување, попречување или неоправдано мешање, особено кога постапуваат пред меѓународни механизми за заштита на човековите права – наведува Василевска.
Во своето обраќање, таа побарала и конкретна реакција од Советот на Европа, вклучително и активирање на механизмите за утврдување факти и институционален дијалог.
– Дали Советот на Европа ќе иницира итно утврдување на фактите и формално разгледување на овој случај, со цел да се спречи создавање опасен преседан? – прашува таа.
Василевска дополнително го повикала генералниот секретар да ги искористи своите овластувања согласно член 52 од Конвенцијата.
– Дали ќе побарате формални објаснувања од бугарските власти за усогласеноста на нивното постапување со Конвенцијата? – стои во прашањето.
Таа предупредила дека ваквите случаи може да имаат пошироки последици врз правниот систем.
– Постои ризик од создавање „чилинг ефект“ (chilling effect) врз адвокатите и поткопување на довербата во целиот систем за заштита на човековите права“ – нагласува Василевска.
На крајот, таа порачала дека се очекува јасна и принципиелна реакција од Советот на Европа.


































