Фото: Маја јаневска Илиева

Судењето за пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани, во кој загинаа 63 лица, а над 200 беа повредени, продолжува денеска во судницата во Идризово со сослушување сведоци предложени од Обвинителството, пренесе МИА.

На претходното рочиште, одбраната на сопственикот на дискотеката и првообвинет Дејан Јованов-Деко побара мерката притвор да биде заменета со куќен притвор, повикувајќи се на неговата влошена здравствена состојба.

Во текот на минатото рочиште сведочеа Ана Захариева, која кобната вечер била гостинка во дискотеката, како и Александар Јосифов, кој од 2017 до 2021 година бил генерален секретар во Општина Кочани за време на мандатот на поранешниот градоначалник Николчо Илиев. Сведочеше и Драган Ананиев, вработен во Општина Кочани.

Постапката се наоѓа во фаза на изведување докази, а обвинението го застапува тим составен од 15 јавни обвинители.

Пожарот во дискотеката „Пулс“ избувна на 16 март 2025 година за време на настап на музичката група ДНК и се смета за една од најтешките трагедии во поновата историја на земјата. Во несреќата животот го загубија 63 лица, а повеќе од 200 беа повредени.