Бројот на луѓе во Европската Унија што не можат да си дозволат да ги затоплат своите домови се зголеми за 16 милиони за време на инфлацијата и зголемувањето на цените, а повеќето од овие луѓе беа вработени. Европската конфедерација на синдикати предупредува дека Европа побрзо тоне во енергетска сиромаштија отколку пред неколку години. Според пресметките, а врз основа на податоците од Евростат, бројот на сиромашни работници што не можат да си дозволат греење се зголемил од седум проценти од населението на ЕУ на 10,6, што е зголемување од десет милиони работници.
Според нивните процени, во 2019 година имало седум проценти од населението во ЕУ, односно 30,7 милиони луѓе, кои не можеле да си дозволат греење. Меѓу тие 30 милиони, дури 13,4 милиони биле вработени. Сепак, најновите бројки покажуваат дека процентот на луѓе што живеат во енергетска сиромаштија ќе се зголеми на 10,6 проценти во 2023 година, што одговара на околу 47,5 милиони луѓе, вклучувајќи 23,7 милиони вработени.
Ова значи, пишува Европската конфедерација на синдикати, „дека од 16-те милиони повеќе луѓе што западнале во енергетска сиромаштија од 2019 година, 10,3 милиони од нив се вработени. Половина од сите оние што не можат да си дозволат греење сега работат, во споредба со 44 проценти во 2019 година. Сепак, многу од нивните работни места сега се во опасност поради високите трошоци за енергија со кои се соочува индустријата“. Бројките ја покажуваат потребата од целосно спроведување на европската директива за минимална плата, која ќе им користи на повеќе од 20 милиони луѓе доколку се спроведе правилно од страна на земјите членки.

































