Американскиот претседател Доналд Трамп најави продолжување на примирјето со Иран, со цел да му се даде дополнително време на Техеран за преговори, додека американската поморска блокада на иранските пристаништа останува во сила.
Во објава на платформата „Truth Social“, Трамп соопшти дека одлучил да го продолжи примирјето сè додека Иран не достави предлог за ставање крај на конфликтот.
Тој наведе дека одлуката е донесена на барање на Пакистан, со цел да се одложат нападите додека иранските претставници не излезат со единствен предлог за решение.
Според Трамп, американските вооружени сили добиле наредба да ја одржуваат блокадата и да останат подготвени за понатамошни активности доколку разговорите не донесат резултат.
Светските агенции пренесуваат и изјава на висок ирански функционер, според кого Техеран би можел да учествува во разговори со САД во Пакистан, доколку Вашингтон се откаже од политиката на притисоци и закани.
Истиот извор нагласил дека Иран ги отфрла преговорите што би значеле капитулација или предавање.
Дополнително, иранскиот претставник посочил дека Пакистан продолжува со посредничките напори за укинување на поморската блокада и ослободување на контејнерскиот брод „Тоуска“, кој бил запленет од американските сили.
Од Техеран го обвинија Вашингтон дека наместо да ги надминува разликите, секојдневно создава нови пречки во дипломатскиот процес.
































