Фото: Принт-скрин

Украина денеска ќе го обнови транспортот на нафта преку нафтоводот „Дружба“, откако беа завршени поправките на системот оштетен во руски напад во јануари. Според претставник од украинската нафтена индустрија, испораките треба да започнат напладне.

Како прв корисник на обновениот транзит, унгарската компанија „MOL Group“ веќе поднела барање, а првите количини ќе бидат распределени меѓу Унгарија и Словачка.

Прекинот на снабдувањето предизвика силни реакции од Будимпешта и Братислава, кои го обвинија Киев за одолговлекување на поправките, обвинувања што украинските власти ги отфрлија.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски соопшти дека системот е подготвен за рестартирање и ја повика Европската унија да го деблокира заемот од 90 милијарди евра.

-Нема повеќе основа за блокирање на заемот. ЕУ побара да го поправиме нафтоводот ‘Дружба’, ние го сторивме тоа. Сега очекуваме Унијата да го исполни договореното –  порача Зеленски.