„Македонија е збор што со векови кај многумина, и Грци и други, буди визии на една моќна и блескава античка земја“ Анастасија Каракасиду
Сега штом сме веќе кај Грците (да ги оставиме малку на раат Бугарите) пак сме на почетокот на нашата повеќеделна колумна, драг читателу, на почетокот кој е сепак самото средиште на овој текст за најновата македонска трагична судбина како идентитетски геноцид. Пак се навраќаме на книгата на доблесната Анастасија Каракасиду и нејзината докторска оксфордска дисертација, книгата „Полиња жито, ридишта крв“, иако замотана во целофанот на историска слава со која почнува нејзиниот предговор на нејзината за нас Македонците искрена кон нашата трагична судбина. Реченицата која химниски гласи (да повториме): „Македонија е збор што со векови кај многумина, и Грци и други, буди визии на една моќна и блескава земја“. Сјајно. Она што кај нас денес ни политичарите ни интелектуалците, повеќето дојдени од зад Карпатите, не го знаат. А не го знаеше тоа ни нашиот прв претседател Глигоров, па им рече во име на македонскиот народ на Грците, многу неинтелигентно, дека ние сме Словени и немаме ништо заедно со Античките Македонци. Во свое име може да се каже тоа, во име на колективот не. Оти заткарпатската западна, дројзеновска теорија за Словените археолошки досега, колку што ми е познато мене, драг читателу, не ја потврдила археолошки ни една негде најдена скршена стомна, а камоли нешто друго. А и една наша академичка, која не се разбира многу од митологијата на името и идентитетот, истрча со еден квазитекст да ни го предложи името Славомакедонија наместо Македонија, што всушност исто така ни за милиметар геноцидно не се разликува од Северна Македонија. Итн. А сето тоа смислено Македонците, и античките и постантичките, да се напикаат, како што би рекол Херберт Дејвид Лоренс, по инерција во грчката вреќа, во која западноевропејците во кусок на генерички културолошки идентитет според него пикаат сè. Во неа ја спикале и неговата омилена до екстрем етрурска култура, која ја преплавила Италија по Тројанската војна.
И сега сме точно во срцевината на темата на нашиот есеј, драг читателу, по онаа славна реченица на Анастасија Каракасиду со која ја почнува, како да ѝ ја диктирал најголемиот грчки македонофил поетот Константин Кавафис, својата кембричка дисертација. Македонија е прастара патолошка носталгија на Грците. Најмногу и пред сè со неа тие ја конструираат нивната по нас монструозна „мегали идеја“ или идејата за голема Грција. Чесната и научно објективна Анастасија тоа накусо го поткрепува и со еден цитат од еден грчки историчар. Но пред тоа, по првата нејзина славна реченица, таа продолжува: „Тие слики (за Античка Македонија, м.з.) се формирани преку археолошките откритија и историски легенди поврзани со личности како Александар Велики и неговиот татко Филип Втори од Македонија“. Потоа тоа продолжува: „Всадена во имагинациите и популаризирано преку сјајните фотографии во монографиите за античката уметност и археологија, Македонија долги години се чинеше дека ѝ припаѓа на античката историја. Но од почетокот на 1990-тите години Македонија почна да буди сосема поинакви асоцијации, особено за оние што ги следеа настаните на Балканот. Балканските национализми од доцниот дваесетти век доведоа до настанување на конкурентски, дури и на антагонистички идеологии, кои од Античка Македонија од сликовниците направија средиште на непоклопување и контроверзи.“
Да, како што гледаш, драг читателу, Македонија како и пред едно столетие и повеќе повторно ја сугерира сликата на балканско буре барут или јаболко на раздорот. Таа слика оживеа во 1990-тата, кога Македонија се издели од распаднатата Југославија како посебен географски, етнички и идентитетски идентитет.
Така, но доблесната Анастасија Каракасиду се држи до вистината во која Македонците се тероризирани од нејзините Грци и се постојан предмет на нивната „мегали идеја“, на што се должи и страшниот колеж на Андартите над Македонците. Анастасија, како што најавивме понапред, во склоп на „мегали идејата“ како грчки прасон и пракопнеж го цитира и Јон Драгулис од неговата книга „Крвта на мачениците и хероите“, во која тој со една болна грчка психоекстаза вели: „Јас сум еден од последните Грци што гледаат на Македонија со византиски спомени и се надеваат дека ќе стане грчка“. Итн.
Како модерна увертира на грчката „мегали идеја“ е и европскиот прилог кон неа со бомбардирањето на Англичаните на Македонците во Егејска Македонија. Черчил и неговите Англичани под претекст дека сакаат во Грција да расчистат со омразениот комунизам главно ги убиваат Македонците вршејќи врз нив физички, но тоа беше вовед и во нивниот понатамошен етнички, културоцид и идентитетски геноцид. Првин беше целта да се потврди дека вистина, според нив, Античките Македонци се Грци, но потоа за да се обвистини таа лажна хипотеза и дека современите Македонци немаат никаква врска со нив и се некоја, како што велеше српскиот националистички антрополог Цвијиќ, „флотантна маса“, безлична и без јасен генерички идентитет. Да. Но еве ја пак тука доблесната кембричка докторантка Каракасиду, која го цитира најпознатиот современ од светски глас американски историчар Јуџин Борза, кој децидно вели: „Кога се во прашање Античките Грци, Македонците не биле Грци“.
Подецидно и појасно не може да биде. А не само Борза. Како него за Македонците мисли и професорот од Оксфорд Камонд и други. Може се во малцинство бидејќи се потпреле во своите тези на карактерот, а не на грчките пари, што им ги нуделе како и на нашиот Глигоров. Туку работата е во тоа што ние, наивни, помисливме дека по распадот на Југославија 1990 станавме суверена република и народ со сопствениот милениумски генерички идентитет, тој што ни го откри генијалниот Пулевски во 19 век, а ние ниту го сфативме ниту сè уште мислиме да го сфатиме. Не. Ние не сфативме што е тоа идентитетски суверенитет, не економски, не енергетски, не ни дури државен и политички, туку идентитетски. Оти ако него го немаш, никој друг од наведените го немаш и ти го краде кој како и каде и од каде стаса, како што впрочем се покажа тоа и се покажува и понатаму со македонскиот жален пример.
Така. Поставена е точно (хипо)тезата, па сега, откако е направено тоа, драг читателу, сега in medias res со една куса и болна хронологија одиме на катастрофалните грешки што ги направивме, почнувајќи со катастрофалните грешки што ги направија нашите влади за овие веќе три децении, кои доведоа до Преспанскиот договор со менување на името и нашиот идентитетски геноцид. Првата катастрофална грешка со која почна нашата идентитетска Хирошима беше првото наше (не)име на божем самостојната република БЈРМ (ФИРОМ), иако во Југославија во ОН бевме заведени со нашето генеричко име Македонија, а ние со Македонци. Секоја чест на претседателот Глигоров за грчките 100 милиони евра, според сега декалсифицираниот документ на ЦИА, што ги одбил за промена на името, но тоа веќе не постоеше за негово време. Тој рече дека таа ујдурма во ОН ќе потрае само три месеци и потоа сè ќе биде в ред. И излажа. Или се покажа како екстранаивен политичар, неупатен во поимите име и идентитет, кои се сијамски близнаци. Може не го беше читал Пулески, а и да го читал го сметал за ѕидар, а не за историчар, ренесансен преродбенски дух и храбар борец. Оттука и изјавата на Глигоров за грчките медиуми дека ние сме Словени (а тоа не е едноставен заткарпатски поим) и немаме никаква врска со Античките Македонци. Така. А рече, парадоксално, „Македонија е сè што имаме“, за потоа на 17 јуни да испадне обратно: „Македонија е сè што немаме“, која по смртоносниот Преспански договор, како што би рекол старозаветниот пророк Исаија, можеме нашата рана да ја лекуваме само со раните на Исус.
И така и испадна вистина, драг читателу, „Македонија е сè што немаме“, и тоа од антиката до денес. А во таа стратегија на ништото учествуваше и славниот француски правник Бадинтер, на кого првин му се восхитувавме, а потоа дојде големото разочарување, кое се дефинира со синтагмата „француска перверзија“. По Бадинтер, тој цивилизациски тип на перверзија го потврди всушност и уште еден Француз, мининаполеончето Емануел Макрон. Но сега за Бадентер. Тој како експерт на ЕУ порача дека од распаднатата Југославија единствено заслужуваат според сите ЕУ-критериуми да влезат директно во неа Македонија и Словенија. Така. Но се случи дека е тоа не парадокс, туку оксиморон. Влезе само Словенија, а Македонија еве веќе три децении од 1990 наваму чека мизерно пред вратата на бриселската нова европска цивилизација, на која како на вратата од Пеколот на Данте пишува „Оставете секаква надеж“. И тоа е, драг читателу, по Бадинтер најновото цивилизациско искуство на Македонија со Европа. А за тоа горчливо искуство пак се потруди Бадинтер, скројувајќи ни го прокрустовски грубо таканаречениот кобен по Македонците „Бадинтеров закон“, кој е par exellence апархејден, закон со кој малцинството ја диктира политиката на мнозинството и управува со него. Закон по мера на Али и четириесетте разбојници (да се потсетиме на Шехерезада), кои Брисел и Вашингтон ги донесоа од бојното терористичко поле во владата и парламентот на штотуку новосоздадената кревка македонска република. Тоа е вистината. А ако беше навистина праведен, Бадинтер ќе создадеше таков апархејден закон, на пример, и за Арапите во Франција или макар за некое африканско или амазонско племе, а не само за, како што би рекол Конески, „столченото племе“ на проколнатиот од Господ Балкан, кој е сè уште европска провинциска колонија. Итн. И Бадинтеровиот закон вдолж и вшир ги растура суверенитетот, идентитетот и демократијата во Македонија. Нашиот анемичен политички, би рекле и кукавички однос кон него е трагичен по македонскиот национален и државен суверенитет. Тој го сепарира етнички, со фаворизација на едно агресивно малцинство, националниот и државниот суверенитет на Македонија. Бадинтер ѝ даде форца на Илирида, која по Косово создадено од НАТО треба кон проектот голема Албанија да ја припои и Македонија или еден дел од неа, западниот, затоа што, како што стојат сега работите, источниот од бриселска ЕУ, според сите знаци досега, им е ветен на Бугарите. Но и терористите на Али во владата во Скопје, како и Бугарите во Софија го обновија по вторпат по Втората светска војна фашизмот: првите со Али бализмот на Џемо и Мефаил, а вторите фашизмот на Богдан Филов и цар Борис Трети. А и едните и другите претендираат со Македонците да го делат националниот и државниот суверенитет, односно да бидат државотворен народ. И тоа е, драг читателу, уште еден трагичен македонски парадокс, македонските илинденци и асномци со знамето „Смрт или слобода“ да го делат антифашизмот со фашисти. А познато е плус тоа дека во Втората светска војна во Европа единствено фашистичко движење или групации немало само во Русија и Македонија. Историски податок!
А сега пак се враќаме на Глигоров и неговото ФИРОМ, грешка што не може да се искупи со неговите чесно одбиени 100 милиони грчки поткуп за ставање на Македонците во мртовечки идентитетски ковчег, цврсто запечатен, според нив засекогаш, со смртоносната придавка СЕВЕРНА, која, се сеќавам, со најголема страст во една простопроширена реченица по неколкупати ја изговараше министерот на МВР Оливер Спасовски. А денес и некои наши ТВ-новинари надевајќи се и по Трамп на воскресение на Калето и Сорос.
БЈРМ беше успешен тест на Брисел, Вашингтон и Атина, по кој дојде како резултат на европскиот неофашизам по вторпат, рековме, обновен врз грбот на Македонците. Овој пат 1992 со Лисабонската нацифашистичка ЕУ-декларација со која се забранува постоење на држава во Европа со името Македонија. Точка. Сè е јасно. Подготвен е со неа геноцидниот план на цивилизацијата на двете светски војни за идентитетска ликвидација на Македонија и Македонците. И таа декларација срамно ја преспавме, а таа беше претслика на Преспанскиот договор 2018. Самиот тој.
Тоа беше директен удар на нашата меморија, навестена уште со насилничката промена на нашето генеричко античко знаме, шеснаесетзрачното сонце, иако сонцето и според најголемиот зналец на нивната митологија Роберт Грајвс никогаш не било грчки знак, симбол или архетип. Дури тој цитира во таа смисла еден антички автор, кој вели дека Грците го мразеле сонцето, нарекувајќи го неранимајко, затоа што сметале дека тоа заедно со месечината ковело завера против нив. А симболизмот на таа грчка омраза по која тие се познати посебно кон Македонците тука е јасен. Сонцето ги симболизира Македонците кои, и Филип и Александар, војнички ги покориле, и Персијците (што ги симболизира месечината), кои исто така жестоко ги напаѓале раситнетите грчки градови-полиси. Е, тоа е вистината, драг читателу, тие ни го украдоа генеричкото знаме пред името за да кажат дека е тоа знаме на Гркот, според нив, Александар Македонски, а потоа со нивна и „меѓународна“ кражба на името, како доказ дека воопшто не постојат Македонија и Македонци. Итн.
Грешка по грешка, катастрофа по катастрофа, понижение по понижение, тоа беше стратегијата смислена од Бадинтер и Лисабонската декларација наваму за да се зомбираат и направат рамнодушни Македонците, за да се доведат не до очај, кој е психолошки енергетски потенцијал, туку до апатија, кога ќе им биде сеедно што се случува и што ќе се случи со нив, како што и се случи тоа на 17 јуни 2018 во Преспа.
ЕФТИМ КЛЕТНИКОВ
(продолжува)






























