Фото: принтскрин

Бугарски државјанин го тепал Христијан Пендиков, секретарот на бугарскиот клуб „Цар Борис Трети“ во Охрид. Тоа не е лицето кое е во притвор за тепачката, туку лице кое е се уште во бегство по инцидентот, објави „Телма“.

Од „Телма“ добиле потврда за ова, откако вчера пратеникот и поранешен министер, Даниел Лорел, од партијата „Продолжуваме со промените“ на поранешнот бугарски премиерот, Кирил Петков, го изјави тоа во телевизиско интервју при што откри и дека Пендиков е само Бугарин по чуство, но без бугарско државјанство.

– Господинот кој беше нападнат во Македонија не е бугарски граѓанин. Бугарија треба да ги заштитува пред се своите граѓани. Тој е македонски граѓанин кој сесебе декларира како човек со бугарска самосвест.Еден од тие кои што го нападнеле е бугарски граѓанин. Се поставува прашањето зошто не зборуваме за него, бидејќи тој има бугарско државјанство и што правиме за негова контрола – изјави Даниел Лорел, пратеник во бугарското собрание, објави „Телма“

Овој податок може да го смени целиот тек на атмосферата околу инцидентот, особено реториката од страна на Бугарија, која ги вклучи сирените и дипломатската артилерија дека во Македонија се тепаат самосвесни Бугари и соопшти дека нема да го врати својот амбасадор, Ангел Ангелов, во Македонија, што во дипломатијата значи прекин на односите меѓу две земји.

Но само два дена по тој потег, Бугарија соопшти дека ги испраќа своите шефови на полиција и на национална безбедност во Македонија на средба со нивните македонски колеги околу чествувањето на Гоце Делчев. Со нив на мала врата вчера се врати и бугарскиот амбасадор во земјава, Ангел Ангелов, чие враќање официјална Софија го премолчи.

Истовремено првиот човек на бугарската дипломатија, Николај Милков, откако во средата го повлече амбасадорот од земјава, во текот на викендот најави дека е подготвена за деескалација на односите со Македонија под одредени услови, заштита на правта на Бугарите во Македонија. Според него како најконкретен чекор за тоа го посочи впишувањето на Бугарите во македонскиот Устав.

И додека односите Софија – Скопје беа ставени на голем тест по претепувањето на секретарот на бугарскиот клуб „Цар Борис Трети“ во Охрид, за кој и по 10 дена се уште не се даваат официјални информации колку лица, кој и зошто го тепал Пендиков. Од обвинителството велат дека истрагата која се води против еден осомничен за тешки телесни повреди, е во тек.

-Во исто време се преземаат интензивни дејствија за целосно спитување на настанот и за идентификација на другите евентуални стотители – стои во соопштението на ОЈО Охрид.

Она што се знае е дека Пендиков по тепањето за македонските истражни органи дал два различни исказа, при што во првиот ги посочил тепачите, а во вториот го посочил само приведениот и рекол дека не ги препознал другите тепачи.

„Телма“ дознава дека во истрагата досега се испрашани и дел од сведоците поврзани со настанот и оти распитот продолжува.