Фото: принтскин

Имаше конкурс за директор на МКЦ, но никогаш не се донесе решение за тој конкурс, беше поништен, се случи пандемијата , па претседателски избори, се до моментот на мојата оставка по која се случија два мандати на в.д директор од редот на вработените, се до овој момент и до именувањето на Никола Алексов – изјави програмскиот раководител во МКЦ и поранешен вршител на должноста директор на младинскиот културен центар, Русе Арсов во „Топ тема“ на Телма.

Тој додаде дека менаџирањето на култура не е како менаџирање во индустријата или економијата, си има своја специфика, во однос на менаџерските капацитети на в.д директорот именуван од градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска. Во однос на спорот меѓу Арсовска и вработените во МКЦ, Арсов оцени дека новиот в.д директор оценил дека тој се нашол некаде на средината, што според него не е правилно, бидејќи како новоименуван директор, тој веќе мора да биде секогаш на страната на вработените во МКЦ.

Истражувачот и младински активист, Блажен Малески, оцени дека прес конференцијата на градоначалничката Арсовска и прејдуцирањето на резултатите од ревизијата која е во тек и обвинувањата за некаков криминал создава непотребен притисок и поделби во младинскиот културен центар.

Во однос на обвинувањата дека склучувал незаконски авторски договори со лица од ВМРО-ДПМНЕ, Арсов оцени дека обвинувањето за незаконски исплаќани договори е многу сериозно обвинение.

– МКЦ нема пари. За папирологија имаме колку сакате. Јас дури најодговорно тврдам дека можеби сме институцијата со најсредена документација и најревносни луѓе кои тоа го работат. Архива, сметководство, правна служба. Само институциите кои се надлежни за тоа, можат да кажат дали има криминал. Имате ревизија, имате инспекции, инспекторати. Ниту градоначалничката, ниту нејзината администрација ниту ние можеме да кажеме дали нешто е криминал или не е. Даваме се од себе, максимално, тоа што е сработено да е исправно – вели Арсов за обвинувањата на Арсовска.

Според него, јавните прозивки и покажувањето со прст, само прават сериозна штета на институцијата.