Фото: МНР
Македонија, како земја претседавач, строго ќе ги почитува основните принципи и вредности на ОБСЕ. Во фокус на Организацијата ќе биде Украина, односно човековата безбедност во време на регионална и глобална несигурност и нестабилност – потенцираше денеска претседавачот на ОБСЕ Бујар Османи на средбата со високиот претставник на ЕУ за надворешни работи и безбедносна политика и потпретседател на Европската комисија Жозеп Борел во Брисел.
За време на посетата, Османи ја потенцирал природната и цврста врска меѓу ЕУ и ОБСЕ, како и сите земји учеснички на Организацијата, што е поволен простор за заедничка работа и исполнување на заедничките обврски.
 – Нашето претседавање оваа година ќе се раководи од веќе договорените обврски на сите 57 земји учеснички на Организацијата. Нема да правиме компромиси кои ќе ги загрозат основните документи и со консензус усвоени одлуки на ОБСЕ. Најголемиот предизвик останува воената агресија на Русија врз Украина. Тоа е неоправдана војна врз независна држава, членка на ОБСЕ. Руската Федерација со воената агресија врз Украина, флагрантно го прекрши Хелсиншкиот завршен документ и сите заложби и принципи на Организацијата – изјави Османи.
Според Османи, ОБСЕ ги има сите механизми и алатки кои нудат конкретна поддршка за луѓето на сите земји учеснички во Организацијата.
 – С.Македонија преку меѓуетничките односи, културата на дијалог што ја наметна, културата на компромис и добрососедските односи, создаде имиџ за државата, како и за препознатливост во меѓународната заедница. Ние сме модел во регионот за функционална мултиетничка демократија, со загарантирани права за сите заедници кои живеат во С.Македонија – посочи Османи.
На средбата меѓу Османи и Борел се зборуваше и за заложбата на ЕУ и тесната соработка со нејзините делегации во Скопје и Виена кои беа од клучна важност во сите фази од подготовката на Македонија да го преземе претседавањето со ОБСЕ. Претседавачот на ОБСЕ ја потенцираше и важноста на соработката меѓу ОБСЕ и ЕУ што би придонела за функционалност на Организацијата.
 -Земјите членки на ЕУ, се учеснички и на ОБСЕ. Синергијата помеѓу овие две организации може да помогне во унапредување на процесите кои понекогаш изгледа дека се блокирани во Хофбург – посочи Османи.
На крајот од средбата, тој потенцираше дека Македонија останува кредибилен партнер на меѓународната заедница и ЕУ, почитувајќи ги нејзините вредности и принципи. Посочи дека Македонија, сега како земја преговарач за членство во ЕУ, има за цел во блиска иднина да претседава со Советот на ЕУ.