Фото: Маја Јаневска - Илиева

Групата од неколку стотина странци, која неформално кампува покрај Мавровското езеро, во месноста Црн Камен, ги исполнува сите законски услови за престој, велат надлежните, и според најавите тие ќе заминат кон средината на август, објави МИА.

Доаѓањето на припадници на неформалната група наречена Rainbow gatherings (собири на виножитото), која е основана во САД уште во шеесеттите години од минатиот век, минатиот месец во мавровско-реканскиот крај повлече дузина реакции во јавноста и на социјалните мрежи.

Дописникот на МИА пред десетина дена биле во посета на нивниот камп, но најголемиот дел од присутните не сакаа да контактираат со новинари, а некои од нив посочија дека хипици, нудисти и патници авантуристи се состануваат секое лето за едномесечно дружење и славење на планетата и природата. Нивните собири се бесплатни и отворени за секого, но нејасно е кој ги координира, објави МИА.

Нивното доаѓање во Македонија беше пречекано со отпор, откако првично, нивниот камп беше поставен во близина на долнореканското село Жировница. Тоа го потврдуваат и од управата на националниот парк „Маврово“ во чија надлежност е управувањето со природните добра во овој регион. Првиот камп бил на планинските падини на Дешат, над селото Жировница.

– Заедно со командирот на пограничната полициска станица во село Жировница и претседателот на МЗ Жировница и раководителот на Одделението за заштита во Паркот ги посетивме присутните на локацијата, стапивме во контакт со два члена од групацијата и на присутните коишто се без водач им беше пренесено каде престојуваат со какви се законски пречки се соочени и на крајот дека се непожелни во близина на населеното место, велат за МИА од управата на Националниот парк „Маврово“.

По ова групата во која има лица од повеќе држави, се упатиле кон месноста „Црн Камен“ помеѓу селата Леуново и Ниќифорово и без ничија дозвола се лоцираат и подигнуваат див камп.

Од СВР Тетово информираат дека веднаш по пријавата службени лица од ПС Маврови Анови ги евидентираат присутните и според законите тие имаат пријавен привремен престој. Досега биле извршени неколку контроли, но не биле регистрирани нарушувања на јавниот ред и мир, ниту активности и однесување кои не се во склад со македонските закони.

Во Македонија, ќе останат до 16 август во 12.38 часот, кога по втор пат ќе ја прослават полната месечина и по церемонијата сите ќе си заминат дома.

Во меѓувреме по социјалните мрежи и од неколкумина сопственици на викендички во Леуново и Никифорово се појавија поплаки. Тие реагираат на присуството на „туристите во дивиот камп“, начинот на вршење на физиолошки потреби, палење оган, присуство на дрога, забави со алкохол…, објави МИА.