Фото: Пиксабеј

Со поимот хиперсензибилно или пречувствително дете, не се мисли на дете кое просто плаче, станува тажно, луто или фрустрирано речиси без потреба….

Како што објави „Тудејс перент“, пречувствителните деца имаат нервен систем што е многу свесен и брзо реагира. Според одредени испитувања, 20 отсто од децата се пречувствителни, посочува психологот Илејн Арон – авторка на книгата „Високо чувствително дете“.

Како што забележува таа, постојат неколку знаци за тоа дека детето можеби е пречувствително. Меѓу нив е високо развиената емпатија. Како што објаснува психологот, овие деца не се само емоционално реактивни, туку и исклучително емпатични. Кога ги гледа драгите луѓе – вознемирени или тажни, тоа често го поттикнува и малечкото да се чувствува исто.

– Исто така, пречувствителните деца премногу размислуваат за работи што им се случуваат или би им се случиле. Тоа може да се види во нивните испитувачки и промислени прашања, нивната прерана употреба на комплицирани зборови откако ќе ги слушнат само неколкупати или во нивната тешкотија да донесат одлука затоа што размислуваат за многуте различни можности – вели психологот.

Натаму, друг знак дека детето е хиперсензибилно, е ако вообичаените методи на дисциплина едноставно не функционираат за него, поради нивната моќна перцепција и обработка.

– Пречувствителното дете ќе интернализира сè што ќе му кажете и дополнително ќе го засили. Ако му кажеме нешто, тоа го доживува и слуша 10 пати погласно и како 10 пати поснажна закана. Наместо тоа, потребно е секогаш да му се обраќате мирно, но не да реагирате на секој проблем – додава Арон.

Без разлика дали станува збор за испраќање в соба, викање или казнување, на високо чувствителните деца им треба помалку радикален пристап, советува психологот.