Фото: Принтскрин

Застанат пред училишна табла и креда во раце, министерот за надворешни работи, Бујар Османи, денеска ја образложуваше преговарачката рамка со Европската унија (ЕУ) за, како што рече, да ги демантира сите шпекулации во јавноста во однос на преговарачката рамка.

Според министерот, и според тоа што го нацрта на таблата, условот со бугарското малцинство во уставот е во т.н. општ дел од рамката, за кој ниту се гласа ниту се прават извештаи, а не во специјалниот дел.

-Она што е важно е дека во ниту една одредниците, патоказите или скалилата во специјалниот дел од преговарачката рамка нема реферци или поврзаност со Договорот со Бугарија, нагласи Османи.

Сликовитото објаснување на шефот на дипломатијата следи по синоќешната објава на нацрт Извештајот од Европската комисија за Кластер 1, „Фундаментални вредности“.

-Македонија има одредено ниво на подготвеност, делумно е подготвена во функционирањето на правосудството. Законодавната и институционалната рамка за правосудството во државата има добро ниво на усогласеност со европското законодавство и стандарди, сепак, државата треба дополнително да ја зајакне, на ефикасен начин, независноста на судиите и обвинителите, да ги зацврсти одговорноста и интегритетот на сите нивоа на правосудството, и да ја зголеми достапноста и квалитетот на правдата, ефикасно испорачана, се вели во заклучоците за правосудството на Европската комисија (ЕК).

Во врска со реформите на јавната администрација, оценката на ЕК е дека земјава е делумно подготвена, иста констатација како и за доменот на борбата против корупцијата.

-Законодавната и институционална рамка за антикорупција е делумно усогласена со европското законодавство. Земјата треба да продолжи со имплементацијата на националната стратегија за спречување на корупција, особено во ризичните сектори како што се јавните набавки и јавните финансии. Треба да ѝ додели доволно ресурси на Државната комисија за спречување корупција и Јавното обвинителство за гонење организиран криминал и корупција, и да ја консолидира евиденцијата за спречување и борба против корупцијата, вклучувајќи и на високо ниво, стои во нацртот на ЕК.

Во нацртот се содржани поглавјата 23 – судство и основни права, поглавје 24 – правда, слобода и безбедност, поглавје 5 – јавни набавки, поглавје 18 – статистика и поглавје 32 – финансиска контрола. Покрај нив во нацрт скрининг извештајот се опфатени и областите кои се однесуваат на функционирање на демократски институции, реформите на јавната администрација и економските критериуми.