Фото: МИА

Лидерот на единствената македонска партија во Албанија, Македонска алијанса за европска интеграција (МАЕИ), Васил Стерјовски, гостувајќи во телевизија СОТ, зборуваше за донација од Бугарија за Здравствениот дом во Пустец и за негрижата на албанската влада, како за домот, така и општината во целина.

На здравствениот дом на општина Пустец навистина му недостасува опрема, возила и слично, констатира новинарот и прашува што има лошо во тоа Бугарија да донира амбулантно возило.

– Виновна е нашата држава, што не помага, што ги остави во таква состојба, како здравствениот дом, така и општината. Кај нас се добредојдени сите странски донатори од која било земја. Сега последно кај нас Јапонија ќе донира еден багер па Јапонија не бара јапонско малцинство во нашата општина. Саудиска Арабија има донирано. Тие не рекоа дека дониравме за Арапите во Пустец – вели Стерјовски.

Тој даде одговор зошто Бугарите го прават тоа.

– Во замена за националноста. Сите овие донации што ги прават Бугарите, ги преставуваат во медиумите дека ги дониравме за Бугарите во Пустец. Ќе ви кажам еден случај. Пред неколку години со Општина Девол го кофинансираа патот од Билишта до Врбник и рекоа дека оваа инвестиција ја правиме за бугарското малцинство во Врбник. Амбасадорот на Бугарија доаѓаше неколку пати, доаѓаа и други дипломати – вели Стерјовски.

Во Општина Пустец доаѓале високи македонски и албански функционери, вели тој и оценува дека „општината е призната 80 години, како македонска заедница и служи како мост меѓу двете земји”.

– Затоа доаѓаат сите делегации, македонски и албански претседатели и премиери кои се среќаваат овде и за тоа сме горди што ја играме оваа улога на поврзување. Но, така не се чувствуваме кога доаѓаат бугарски претставници, бидејќи бугарската страна доаѓа и сака да ни ја негира националноста и од петни жили се обидува да станеме Бугари, што ниту сме биле ниту ќе бидеме – рече Стерјовски.

Додава дека на Здравствениот дом неопходна му е опрема и кадар, пред се лекар.

– Како што ви кажав, обврска на албанската влада е да одговара за тој здравствен дом бидејќи ние сме жители, лојални граѓани на оваа држава. Тоа не е должност на Бугарија – заклучува Стерјовски.