Парк и детско игралиште на местото на исчистената депонија

Исчистената депонија што со години го нагрдуваше просторот под железничката станица, сега, на задоволство на граѓаните, се претвора во урбана уредена површина, која му дава поубав лик на тој дел од градот. Оваа локација повеќе од 20 години беше дива депонија, на која несовесни граѓани одложуваа сѐ и сешто. Станува збор за површина од над 6.000 квадратни метри, која ја исчисти градот во соработка со ЈП „Улици и патишта“ изминатиов период. Од неа беа подигнати повеќе од 15.000 кубни метри смет. Овој јавен простор сега добива бекатон-патеки, а на него треба да никнат и мал парк и детско игралиште. Просторот што ќе се уреди претставува меѓа помеѓу општините Центар и Аеродром, која беше преполна со секакво ѓубре. Сега полека се претвора во пријатно место, каде што граѓаните ќе можат да уживаат и да поминуваат дел од своето слободно време.

Градските власти информираа дека вакви диви депонии чистат и во општините Бутел, Ѓорче Петров, Кисела Вода, Карпош, Аеродром, каде што ќе никнуваат нови вакви мали паркови, зелени мини-оази. Нивна цел е јавниот простор да се заштити, пред сѐ од градежното дивеење, меѓутоа и од фрлањето ѓубре и отпад кој каде ќе стигне. Градоначалникот на Скопје, Петре Шилегов, упати апел до граѓаните одговорно да се однесуваат со животната средина и со отпадот што го создаваат и акцентира дека продолжува засилениот инспекциски надзор.