Фото: Игор Бансколиев

Иако бројот на патниците што влегуваат комплетно заштитени во автобусите е мал, она што нашата екипа го забележа на терен е дека најчесто оние што носат заштитни маски се луѓе во поодмината возраст, додека, пак, не забележавме ниту едно младо лице со заштитна маска

Во јавниот градски превоз граѓаните треба да се одговорни и за себе и за другите

Откако почна пандемијата предизвикана од коронавирусот, јавниот градски превоз беше регистриран како една од најкритичните точки за ширење на заразата. Комисијата за заразни болести, во повеќе наврати апелираше и бараше од централната и од локалната власт да се посвети поголемо внимание околу организацијата на автобускиот превоз, затоа што токму тој беше еден од кластерите за ширење на вирусот.

АПЕЛ ЗА НОСЕЊЕ ЗАШТИТНИ МАСКИ

Се наоѓаме на прагот на новиот ковид-бран. Бројката на заболени секојдневно расте, а според статистиката на Министерството за здравство, во периодот од 15 до 17 јули, регистрирани се дури 899 нови случаи на ковид-19. Скопје е градот лидер по новодијагностицирани случаи, каде што, само за овие три дена, се регистрирани 470 новозаболени, што е и очекувано, бидејќи станува збор за метропола и главен административен центар во земјата.
Сето тоа го вклучува алармот. Од Јавното сообраќајно претпријатие веќе излегоа со апел до корисниците на автобускиот превоз да носат заштитни маски при возење во автобус.
– Апелираме до сите граѓани, корисници на јавниот градски превоз да се придржуваат на препораките за заштита од ковид-19 при користење на превозот, односно во автобус да носат заштитна маска – апелираа од ЈСП, додавајќи дека тие и нивните возачи и контроли немаат никакви ингеренции да забрануваат влез на патници што, при користење на превозот, не носат маска, ниту пак да ги санкционираат.
Оттаму велат дека само со одговорно однесување на секој поединец ќе може да се придонесе во борбата против ширење на вирусот.
– Очекуваме нашиот апел да биде добронамерно прифатен и применет во интерес на колективното здравје – нагласија од сообраќајното претпријатие.

РЕТКО КОЈ НОСИ МАСКА

Дека јавниот градски превоз претставуваше доста сериозен проблем кога беше во прашање ширењето на вирусот говори и фактот што од Комисијата за заразни болести уште лани информираа дека автобусите се кластер за зараза со ковид-19. На почетокот на патниците им се препорачуваше покрај носењето заштитни маски, задолжително да носат и ракавици, за да се заштитат од зараза.
Сега, кога очигледно сме на прагот на новиот бран, а здравствените власти веќе информираа дека се очекува рапидно зголемување на бројката на заболени на почетокот на есента, потребно е да се преземат сите достапни мерки и да се имплементираат нови. Ако лани, бројката на автобуси беше преполовена, а бројот на патници дуплиран, заради немањето доволно автобуси, сега, потребно е да се зголеми бројката на автобуси, за и на тој начин да се придонесе за намалување на ширењето на вирусот.
Кога вирусот го зеде својот замав, во 2020 година, автобусите беа постојано дезинфицирани со средства на база на алкохол и дезентал.
Патниците на почетокот на пандемијата, кога многу малку се знаеше за вирусот, се однесуваа многу поодговорно од денес. Исплашени за своето здравје, пред речиси три години, сите ги почитуваа препораките. Како што поминуваше времето, а вирусот се удомуваше, скопјани почнаа сѐ повеќе да се опуштаат, па мерките за заштита останаа некаде во минатото.
Сега, за жал, препораките за носење заштитна маска повторно важат, а сепак, многумина ги игнорираат.
Сликата од неколкудневното истражување на екипата на „Нова Македонија“ покажува дека сѐ помала е бројката на луѓе што се плашат од заразување. Како и во минатото, кога пандемијата го достигнуваше врвот во Скопје, така и сега на самиот почеток на новиот бран, голем е бројот на патници што воопшто не носат заштитна маска.
Има и такви што кашлаат и кај кои се видливи знаци на настинка, но кои, поради само ним познати причини, не ги покриваат носот и устата.
Иако бројот на патниците што влегуваат комплетно заштитени во автобусите е мал, она што нашата екипа го забележа на терен е дека најчесто оние што носат заштитни маски се луѓе во поодмината возраст, додека, пак, не забележавме ниту едно младо лице со заштитна маска.
– Јас никогаш не ни престанав да носам маска, првенствено заради моето здравје. Јас сум пензионерка, имам проблем со дијабетес и астма, меѓутоа немам кој да ми пазари, па морам сама да си пазарам. Сепак мислам дека сите треба да се однесуваме одговорно, затоа што неносењето маска нѐ загрозува сите – вели Вера Димовска, пензионерка од Скопје.
Младите воопшто не се загрижени од заразување. Тие не носат заштитни маски и сметаат дека ништо нема да им биде доколку се заразат со вирусот.
– На жешково навистина не можам да носам маска. Немам воздух, се задушувам од топлото. Да е студено – да, меѓутоа на овие високи температури кога и вака едвај се дише, навистина е мачење да се носи маска. Не се плашам од вирусот, веќе еднаш го прележав многу лесно – вели средношколецот Петар Михајловски.