Европската Унија првпат во својата историја за Македонија, за жал, воведе нов услов – преседан со кој нашата земја во два чекора почнува да го отвора преговарачкиот процес. Никогаш досега такво нешто не било побарано од ниту една друга земја, како што сега е условена Македонија. „Нова Македонија“ вчера присуствуваше во Брисел, за директно од прва рака да ги регистрира и да извести за сите случувања поврзани со одржувањето на првата меѓувладина конференција на Македонија со ЕУ. Во Брисел силно одекна и македонскиот јазик преку обраќањето на премиерот Ковачевски, кој порача дека по 17 години го правиме клучниот чекор на патот кон остварување на нашиот децениски, генерациски сон, за кој долги години посветено се работело. Челниците на ЕУ истапија со заедничка констатација дека одржувањето на првата меѓувладина конференција не е од историско значење само за Македонија туку и за Европската Унија и европската идеја

ВО БРИСЕЛ СЕ ОДРЖА ПРВАТА МЕЃУВЛАДИНА КОНФЕРЕНЦИЈА НА МАКЕДОНИЈА СО ЕУ

Веројатно во најтоплиот ден (19 јуни 2022) во годината во Брисел, кога прва тема на белгиските медиуми е заштита од „алармантните“ 37 степени Целзиусови, Македонија го започна процесот на пристапување кон Европската Унија, формално означен како одржување на првата меѓувладина конференција со ЕУ.
– Огромно е задоволството што по 17 години чекање, денес конечно ги отпочнуваме преговорите. Отвораме нови перспективи за државата и за граѓаните и полека, но сигурно се приклучуваме кон големото европско семејство, што е наша приоритетна стратегиска цел децении наназад – изјави премиерот Димитар Ковачевски во фоајето на Советот на ЕУ во Брисел, по средбата со претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лејен, и премиерот на Чешка, Петр Фиала, кој е претседавач со Советот на ЕУ.
Пред почетокот на меѓувладината конференција, премиерот Ковачевски уште еднаш, пред македонските новинари во Брисел, потенцираше дека „европскиот предлог, кој е добиен преку широк консултативен процес, собраниските пратеници како претставници на македонските граѓани, го препознаа како најдобро можно решение, кој од повеќе аспекти ги почитува и запазува македонските црвени линии, а во исто време дава конечно почеток на преговорите“.
Подоцна, на прес-конференцијата по завршувањето на првата меѓувладина конференција, Ковачевски своето обраќање го започна со тоа дека му „претставува чест што можам да се обратам на мојот мајчин македонски јазик на заслужената меѓувладина конференција меѓу Македонија и ЕУ“.
– Со оваа меѓувладина конференција, С. Македонија започнува последна етапа од својот долг пат кон полноправно членство во Европската Унија. Денешниот ден е историски за нас, долго очекуван и заслужен. По 17 години го правиме клучниот чекор на патот кон остварување на нашиот децениски, генерациски сон, за кој долги години посветено се работело. За остварување на оваа стратегиска цел ние направивме многу, донесовме мудри, храбри, државнички одлуки во интерес на иднината на нашите деца и државата. Јасната визија и план за иднината, залагањето за просперитет на државата и на сите граѓани за мене е најголем чин на патриотизам – кажа во своето обраќање Ковачевски.
Тој истакна дека е горд што македонскиот јазик ќе биде јазик на кој ќе се води процесот на преговарање за пристапување, вклучувајќи го и самиот договор за пристапување во ЕУ.

– Со нетрпение го чекаме денот кога со полноправно членство на Северна Македонија во Европската Унија, македонскиот јазик ќе е еден од службените јазици на ЕУ, еднаков со сите други 24 официјални јазици на Унијата – посочи Ковачевски.
Во поздравното обраќање на прес-конференцијата, еврокомесарот за проширување Оливер Вархеи изрази верување дека одржувањето на првата меѓувладина конференција не е од историско значење само за Македонија туку и за Европската Унија и европската идеја.
Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лејен, пред почетокот на заедничката меѓувладина конференција, порача дека отворањето на пристапните преговори на Македонија и на Албанија е успех на двете земји и на нивните граѓани и дека тоа е резултат на истрајноста, посветеноста на европските вредности, покажаната отпорност и задржаната верба во пристапниот процес.
– Ги направивте сите овие промени не само затоа што беа потребни на вашиот пат кон ЕУ туку, пред сѐ, затоа што се добри за вашите земји. И тие веќе испорачуваат подобар и поквалитетен живот за вашите луѓе. ЕК ве поддржуваше на целиот пат и ќе продолжиме така – рече Фон дер Лејен.
Претседателката на ЕК нагласи дека по одржувањето на меѓувладината конференција од 19 јули, во Брисел, веднаш започнува скринингот од ЕУ на законодавството во Македонија и на Албанија.
– Скринингот на законодавството на ЕУ ќе започне, тоа е првиот чекор од процесите и ќе им овозможи на Албанија и на С. Македонија да се запознаат со правата и обврските на нашата унија, од спогодби преку законодавството, меѓународните договори и ќе продолжиме многу брзо со сето тоа – рече Фон дер Лејен.
Премиерот Ковачевски кажа дека по завршувањето на меѓувладината конференција, вицепремиерот за евроинтеграции Бојан Маричиќ веќе го одржува првиот состанок за започнување на процесот на скрининг во Брисел.
Сепак, како своевидна сенка на денот на одржувањето на првата меѓувладина конференција во Брисел беше фактот дека претходната вечер, Бугарија ја достави во Брисел едностраната декларацијата, која ја презентираше на состанокот на постојаните претставници во ЕУ, при гласањето за преговарачката рамка за Македонија.
Во декларацијата стои дека упатувањето во документите на ЕУ на официјалниот јазик на Република С. Македонија во никој случај не треба да се толкува како признавање од страна на Република Бугарија на „македонскиот јазик“.

Оваа унилатерална декларација претставува документирано потсетување на уценувачката позиција на Бугарија во македонскиот евроинтегративен процес, иако официјалниот бугарски претставник во ЕУ изразил „задоволство што се овозможени услови за одржување на првата меѓувладина конференција на Македонија со ЕУ, во која биле вложени многу ангажман, подготвеност за преговори, зрелост… Францускиот предлог е резултат на прифатен компромис од свете страни, а Бугарија го поддржува европскиот пат на Македонија“.
Иако вчера во Брисел формално е означено отворањето на преговарачкиот процес на Македонија со ЕУ, сепак нема да има отворање кластери. Процедурално, тоа би требало да се случи со завршување на процесот на скрининг од страна на ЕУ, но како поголем предизвик за тоа пред Македонија се поставува „специјалниот нестандарден услов“ за уставни измени, односно внесување на Бугарите во македонскиот устав.
Токму предизвикот на уставните измени за Македонија, но и на ЕУ за да ги надмине предизвиците од можноста Бугарија да ги блокира годишните извештаи на ЕК за земјава, беа тема на интерес на новинарските прашања на прес-конференцијата во Брисел. Новинарите потсетија дека македонската влада треба да се соочи и со немањето консензус во јавноста и со опозицијата за прифаќање на преговарачката рамка, како и за протоколот за спроведување на Договорот за добрососедство со Бугарија. Главниот новинарски интерес беше што би се случило со процесот на евроинтеграциите, односно дали би се случила втората меѓувладина конференција ако не се спроведат уставните измени, но и најавите на опозицијата за распишување референдум за тоа прашање.
Еврокомесарот Вархеи на тоа порача дека „уставните измени мора да се случат“.

– Мислам дека е јасно оти уставните измени ќе мора да се случат. Постои јасна посветеност преземена не само од Владата на С. Македонија туку и од Собранието, затоа мислам и токму поради тоа кажав дека ова е најдемократскиот начин да се добие мандат на Владата. Уредувањето на францускиот предлог вклучува дел од компетенциите на Собранието и затоа беше важно да се слушне Собранието, дали е подготвено да се впушти во такво решение. Тоа јасно покажа дека се подготвени за такво нешто. Се надевам дека од сега натаму, сите партии, вклучувајќи ја и опозицијата, ќе работат за европската иднина и нема да започнат со контроверзии и предизвикување емоции што нема да ја носат земјата напред – порача Вархеи.
На истите прашања, премиерот Ковачевски одговори дека „одговорност е на пратениците на опозицијата да се вклучат во дебатата“, кога се во прашање измената на Уставот и вметнувањето на Бугарите, без што не може да се одржи втората меѓувладина конференција.
– Мнозинството граѓани, претставени од пратениците, донесоа одлука поради која имаме прва меѓувладина конференција. Одговорност е на пратениците од опозицијата да учествуваат во оваа дебата и понатаму. Ќе има многу чекори понатаму до финалното зачленување во ЕУ. Собранието е место каде што ќе треба да бидат донесени и вториот, третиот, четвртиот чекор до финалното зачленување. Одговорност на секој политичар е да мисли на иднината на државата, а не само на својот личен рејтинг – кажа Ковачевски.

Јасминка Павловска (специјално за „Нова Македонија“ од Брисел)