СЕРИЈА СЕРИОЗНИ ИНЦИДЕНТИ СО УНИШТУВАЊЕ УРБАНА ОПРЕМА ВО СКОПЈЕ

Штетата по граѓаните и по градот од девијантното пироманско однесување е повеќекратна. Прво, граѓаните остануваат без контејнери во кои го фрлаат ѓубрето и мораат да се снаоѓаат и да го оставаат отпадот на несоодветни места, при што се прави неред во одржувањето на хигиената и се загадува околината. Второ, при честата појава на запалени контејнери за смет се ангажираат пожарникари за да го изгаснат пожарот. И наместо пожарникарите да бидат достапни за некаде каде што можеби ќе спасуваат човечки животи, тие го губат времето справувајќи се со пироманските навики на поединци со психолошко нарушување на личноста

Трендот на уништување т.е. вандализирање на јавните добра, независно дали станува збор за урбана опрема, контејнери, улично осветлување или уништување паркови, зема сѐ поголем замав.

Изминативе неколку дена од стручните служби беа евидентирани неколку случаи на непримерно однесување од страна на несовесни поединци, кои успеале да запалат три контејнери во општината Ѓорче Петров, а на другиот крај од градот, вандали успеале речиси целосно да уништат детско игралиште изградено пред само еден месец.

Запалени контејнери на комуналното претпријатие

Од каде и да се почне да се елаборира проблемот, факт е дека ниту една психолошка дефиниција на вандализмот нема да даде разумно објаснување за она што во Скопје веќе станува хроничен проблем.
Меѓу нас живеат вандали чие нарушување оди дотаму што речиси и да нема ден а да не се случи понекој деструктивен чин на уништување на јавните добра.
Само пред неколку дена, во општината Ѓорче Петров целосно беа уништени контејнери, кои од страна на непознати лица биле запалени. Не станува збор за еден, туку за три сада за комунален отпад.

Според информациите, еден од контејнерите бил лоциран спроти Европската очна клиника, додека другите два контејнера биле опожарени во непосредна близина на Геријатриската болница. Екипите на ЈП „Комунална хигиена“ – Скопје извршија целосно расчистување на микролокациите и поставија нови садови.
– Опожарувањето на контејнерите значително ја нарушува динамиката на фрлањето, собирањето и транспортот на комуналниот отпад во градот Скопје. Апелираме да престане уништувањето на садовите наменети за отпадот, за екипите на ЈП „Комунална хигиена“ – Скопје да можат навремено да ги извршуваат своите работни обврски на терен, во согласност со оперативната програма за работа. Сите случаи на опожарување на контејнерите се пријавени до надлежните органи од страна на претпријатието и очекуваме да бидат преземени соодветни мерки за наоѓање и санкционирање на сторителите – истакна директорката на претпријатието, Косана Николиќ Мазнева.

Случај со целосно изгорени контејнери имаше и на крајот на минатата година, кога на Бит-пазар исто така беа запалени три контејнери. Истите тие беа експресно заменети со нови, а за гасењето на огнот беа ангажирани и екипи на противпожарната бригада.
Штетата по граѓаните и по градот од ваквото девијантно или пироманско однесување е повеќекратна. Прво, граѓаните остануваат без контејнери во кои го фрлаат ѓубрето и мораат да се снаоѓаат и да го оставаат отпадот на несоодветни места, при што се прави неред во хигиената и се загадува околината. Второ, при честата појава на запалени контејнери за смет се ангажираат пожарникари за да го изгаснат пожарот. И наместо пожарникарите да бидат достапни за некаде каде што можеби ќе спасуваат човечки животи, тие го губат времето справувајќи се со пироманските навики на поединци со психолошко нарушување.

Трето, претпријатието што се грижи за дислоцирање на фрленото ѓубре ќе мора да одвои финансиски средства за да набави нови контејнери – садови за отпад.
Проблемот со подметнувањето пожар во контејнерите за смет е повеќестран и повеќеслоен. Затоа се апелите на дбронамерните граѓани да запре оваа „пироманска забава за поединци“. Токму затоа на апелот се придружуваат и пожарникарите.
Опожарени детски лулашки

Случајот со целосно уништените контејнери не е реткост ниту пак новитет, исто како што не е реткост уништувањето на детските игралишта, кои се наменети за најмладите.

Токму таков случај, исто така деновиве, беше евидентиран од службите на општината Гази Баба.

Детското игралиште лоцирано на улицата Сава Михајлов во населбата Ченто било цел на пиромани, па еден од реквизитите за децата, поточно, покривот на детската лизгалка бил запален, по што и тука морале да интервенираат пожарникарите.
– Со големо жалење сакам да ја информирам јавноста дека по само еден месец од изградбата на новото детско катче на улица Сава Михајлов во Ченто, еден од реквизитите беше запален! Апелирам до родителите и младите за поголема грижа на она што општината го инвестира за урбанизација на просторот во месните и урбаните заедници – револтирано напиша градоначалникот на Гази Баба, Бобан Стефковски.

Тој нагласи дека изминатиот период, општината се соочува со голем број девијантни однесувања во кои се уништува она што се гради.
– Општината не може да изгради толку, колку што несовесните граѓани можат да уништат! – заклучи тој.


Психологијата дава точен опис на девијантното однесување на поединците во градот

Скопје и неговиот проблем со вандализам се класичен психолошки случај. Доколку добро ги проучиме случаите на вандализирање во главниот град, лесно ќе дојдеме до заклучок дека градот има сериозен проблем со граѓани што имаат проблем со гнев, лутина, како и недостиг од грижа за другите.

Најчесто вандализирањето се случува во доцните вечерни часови, кога фреквенцијата на луѓе е помала, а зголемување на вандализирањето е забележано и по училишните часови. Цел на вандалите најчесто се разни предмети на јавни места, за кои нема поединец што е одговорен.

Токму затоа не е чудно што вандализмот најмногу го има во автобуси и возови, на автобуски постојки, сообраќајни знаци, клупи, билборди, детски игралишта, а психолозите велат дека местата што еднаш биле вандализирани, повторно ќе бидат цел на вандали.

Како еден од методите за справување секогаш се наведува едукацијата на младите, но и воведувањето одговорност и санкции за сторителите, бидејќи нивните налудничави сатисфакции го чинат целото општество. Не само поради тоа што се даваат народни пари за замена на контејнерите, туку и се ангажираат пожарникари, кои, наместо да бидат достапни за други, посериозни случаи, тие мора да гасат пожари од лулашки, кои биле опожарени поради непознати лични мотиви на поединци.

[email protected]