Прегрупирања со нови коалицирања на политичките партии во рамките на Советот на Општина Битола

По само година и пол од функционирањето на коалицијата меѓу партијата ВМРО-ДПМНЕ и независната советничка листа „Поинаку“, во Советот на Битола дојде до прегрупирање на мнозинството на Советот, во насока на формирање нова (не)формална коалиција, која во моментот ја сочинуваат СДСМ, „Поинаку“ и Левица. Новото мнозинство има 18 советници. Според новиот распоред на гласовите во Советот, ВМРО-ДПМНЕ ја претставува општинската опозиција.

Но одлуката на лидерката на независната советничка листа „Поинаку“, Габриела Илиевска, да го напушти коалицискиот партнер ВМРО-ДПМНЕ не ги изненади советниците во Советот на Општина Битола. Имено, во последно време Илиевска, во својство на претседателка на Советот на Општина Битола, упатуваше жестоки критики кон работата на градоначалникот и советничката група на ВМРО-ДПМНЕ, и на нивна адреса во јавноста упатуваше обвинувања за „трошењето на парите од општинскиот буџет, за проекти од областа на културата и културните манифестации, а и спортот, како и за доцнењето на некои проекти за кои беа донесени одлуки на Советот и за кои имаше подготвени проекти и добиени одобренија за градба“. Илиевска дури и најави дека „нејзиното трпение за нереализирањето на договорените проекти и политики е при крај и дека само прашање на денови е кога таа ќе му ја откаже лојалноста на ВМРО-ДПМНЕ“.
– Уште со самиот избор на претседател на Советот, кој доаѓа од независна листа и не е од партија, велев дека „Поинаку“ ќе се залага сите проекти што сме им ги ветиле на граѓаните да ги реализираме и дека доколку нешто не функционира, ние нема да бидеме тивки и дека ќе говориме за сѐ што не ни се допаѓа. Крајно време е сите ние да кажеме кои се проблемите на граѓаните и да се бориме нивните проблеми да се решаваат. Точно е дека сите барања што од нас ги имале граѓаните се прифатени. Ама, за жал, немаше реализација на нашите проекти – вели лидерката на независната советничка листа „Поинаку“ и претседателка на Советот на Општина Битола, Габриела Илиевска.

Во врска со најновите настани и случувањата во Советот на Битола, од друга страна, со свој став излезе и градоначалникот Тони Коњановски.
– Случувањата на последната седница на Советот се уште една потврда за кочниците и блокадите што ги прави претседателката на Советот, на штета на општината Битола и нашите сограѓани. Таа едноставно сака да го држи Советот во заложништво. Граѓаните знаат што значат ваквите постапки, кои се наложени од постапувањето на претседателката Габриела Илиевска: потрошено време низ институционално докажување и индиректен притисок врз нормалното функционирање на јавните претпријатија. Тоа е и целта на новата коалиција, која сакајќи да ме деградира, манипулира со јавноста. Очигледно на оние што не сработиле ништо изминатите четири години и оние што се научени само да негодуваат, независно од која политичка опција доаѓа градоначалникот, работењето не им одговара – рече градоначалникот на Битола, Тони Коњановски, притоа искажа подготвеност за надминување на надоразбирањата и востановување ново мнозинство во Советот или т.н. „широка коалиција“, но само ако тоа е во интерес на градот и граѓаните.
– Но во никој случај нема да дозволам високите партиски амбиции на поединци или нечии пазарења и договарања да ѝ наштетат на Битола – додаде Коњановски.
Од трета страна, за новите случувања во Советот од советничката група на СДСМ велат дека не гледаат потреба од формирање широка коалиција.
– Повеќе од година и половина СДСМ во Советот на Општина Битола е конструктивна опозиција. Дадовме поддршка за многу проекти предвидени во различни програми на Општина Битола, дури и тогаш кога искажавме сериозен сомнеж дека ќе се реализираат. Има многу слични примери што го потврдуваат моето тврдење дека СДСМ е навистина конструктивна опозиција во Советот на Општина Битола. Затоа, во овие околности не гледам никаква причина за каква било широка коалиција, затоа што проектите што се навистина значајни за Битола од нас добивале и ќе добиваат поддршка. Единствено што можам да кажам во моментов е дека СДСМ нема намера да биде покритие за неспособноста во реализацијата на проектите на градоначалникот и ВМРО-ДПМНЕ – вели Методија Илиевски, координатор на советничката група на СДСМ во Советот на Општина Битола

Во контекст на споменатите случувања во Советот со став излезе во јавноста и советничката група на Левица.
– Левица, иако на последната седница гласаше за смена на управните и надзорните одбори во јавните претпријатија, не партиципира во никакво ново мнозинство. Ние и порано, сега и во иднина за секој позитивен предлог што е на страна на народот ќе даваме поддршка. Но нема да даваме поддршка за неуспешните политики, а не особено за оние што во работењето покажуваат слаби или негативни резултати, како што тоа во изминатиот период го направија дури шест директори на јавните претпријатија – велат од Левица.

Како и да е, перцепцијата на битолчани е дека мора да се најде излез од целата политичка „пат-позиција“ во Советот на Општината, поради тоа што целата ситуација е само „во корист на штетата на битолчани“. Од разговорот со многумина жители на Битола се добива впечаток дека граѓаните единствено посакуваат институциите, кои би требало да се во функција, да се доведат во кондиција за да си ја извршуваат својата основна задача – во служба на граѓаните, без разлика од која партија доаѓаат советниците. Битолчани коментираат дека се реални две опции за разврска на „јазолот во битолскиот совет на Општината“: или формирање т.н. „широка коалиција“ или нови избори за советници во Советот.