ЈП „ВОДОВОД И КАНАЛИЗАЦИЈА“ СО ОДГОВОР ДО ЛОКАЛНИТЕ ВЛАСТИ ВО ВРСКА СО ПРАШАЊЕТО ЗА ЈАВНИТЕ ЧЕШМИ И ФОНТАНИ
За поставување нови фонтани или чешмички надлежни ќе бидат општините и по нивно барање ЈП „Водовод и канализација“ – Скопје ќе им дава приклучок за вода на кој ќе биде поставен водомер, а одржувањето ќе биде обврска на општината. Оваа одлука е донесена со цел регулирање на потрошувачката на вода од чешмичките/фонтаните, како и прецизно дефинирање на надлежностите за нивно одржување. ЈП „Водовод и канализација“ – Скопје смета дека во едни вакви околности на криза, вклучувајќи и дефицит на вода, фонтаните и постојаното истекување вода од јавните чешми се непотребно трошење пивка вода
Доаѓањето на високите температури пропорционално ја зголемува и потребата за јавни фонтани од кои граѓаните ќе можат да се напијат вода. И во минатото, градот и општините беа преполни со јавни чешмички, па никој не мораше со себе да носи шише со вода, бидејќи водата им беше достапна на сите. За жал, изминатиот период таквата слика повеќе ја нема. Ретко каде може да се најде фонтана или чешмичка за пиење вода, а онаму каде што ги има не тече вода.
Нема повеќе бесплатно трошење и пиење вода
Ако општините сакаат нивните граѓани да пијат вода од чешмички, за тоа ќе треба да си платат. Нема повеќе бесплатно трошење и пиење вода. Јавното претпријатие „Водовод и канализација“ одлучи да воведе ред во нередот со потрошувачката на вода, особено затоа што во летниот период од чешмичките се создаваат базени со вода, а тие од страна на децата се користат како прскалници.
Честопати тие не се сервисираат и одржуваат, вода истекува на сите страни и неконтролирано тече, а сето тоа претставува непотребна загуба на пивка вода, која, секако, оди на штета на водоводното претпријатие.
Од тие причини, „Водовод и канализација“ донесе одлука да прекине со досегашната пракса. Отсега, ако општините сакаат да имаат фонтани или чешмички, освен што ќе треба да си плаќаат за потрошената вода, истите тие ќе треба и да ги одржуваат.
Според податоците, во Скопје има некаде околу 200 чешми за вода на јавни површини. Оние што се под надлежност на градот, односно на водоводното претпријатие, редовно се одржуваат и се во функција. Меѓутоа, состојбата се менува за оние што не се под градска надлежност.
– ЈП „Водовод и канализација“ – Скопје донесе одлука за поставување водомери на чешмите што се во надлежност на општините, кои по поставувањето на водомерите ќе бидат одржувани од нивна страна, додека оние што нема да бидат преземени од општините нема да бидат пуштени во работа – велат од водоводното претпријатие.
Како што информираат оттаму, за поставувањето нови фонтани или чешмички надлежни ќе бидат општините и по нивно барање ЈП „Водовод и канализација“ – Скопје ќе им дава приклучок за вода на кој ќе биде поставен водомер, а одржувањето ќе биде обврска на општината.
– Оваа одлука е донесена со цел регулирање на потрошувачката на вода од чешмичките/фонтаните, како и прецизно дефинирање на надлежностите за нивно одржување – заклучуваат од претпријатието.
Воведувањето ред е неопходност
Граѓаните ја поздравуваат оваа иницијатива. Велат дека мора да се воведе ред, затоа што голем дел од чешмичките кога работеле и биле во функција, биле цел на вандали, кои ги кршеле, па од нив неконтролирано истекувала вода.
– Колку што сум упатена во скопското водоснабдување, ние немаме непресушен извор на вода. А гледаме и каква е состојбата со пивка вода во светот. Зошто да се однесуваме недомаќински само затоа што некој друг ни плаќа за водата? Тоа беше расфрлање, тоа беше невиден хаос. Вакво нешто требаше да се направи, да се воведе ред, а до општините апелирам побрзо да ги активираат фонтаните, бидејќи нам, граѓаните, ни е потребна вода за пиење. Иако немаме некои екстремно високи температури, сепак, топлото време ја зголемува потребата за вода кај граѓаните – вели пензионерката Верица Димовска, која живее во скопски Бутел.
Вели дека редовно шета во околните населби, како Чаир, Автокоманда, и тврди дека во Чаир се случувало хаос со фонтаните.
– Тука деца се занимаваат со водата, се прскаат, фрлаат камења во фонтаната… каде го има тоа? Ги гледам и во Автокоманда, таму има малку помодерни фонтани, со систем за штедење, односно кога некому му се пие вода, стиска, водата тече, па самата престанува да тече. Меѓутоа и тука пред некој ден фонтаната беше искршена, шикаше вода на сите страни. Тоа беше на плоштадот во Автокоманда. Којзнае колку време истекувала вода од фонтаната така – вели таа.
За родителите на мали деца ова е доста голем проблем. Апелираат општините да се фатат за работа и да одговорат на потребите на граѓаните.
– Некој нема пари секој ден да купува вода, а и не треба кога имаме толку многу јавни чешмички. Општините нека си се фатат за работа, нека постават водомери, бидејќи имаме потреба за вода. Живи луѓе сме, некому може да му се слоши, некое дете да падне, да има потреба од вода, да се напиеме или измиеме. Меѓутоа, за жал, чешми со вода за пиење имаме сѐ помалку. Посебен проблем е кога сме со мали деца, за кои мора да имаме вода. Јас сум возрасна, можам да се воздржам, ама кога мало дете е жедно, не може да му се докаже дека мора да издржи, а и не треба – реагира Илина Јаковлевска.