Фото:Општина Аеродром

Општина Аеродром донесе препорака учениците од прво до деветто одделение во сите основни училишта да не ги поседуваат кај себе и да не ги користат мобилните телефони за време на наставата.

– Се препорачува учениците при влез во училиштата да ги оставаат своите мобилни апарати во посебно означени кутии сместени во посебни простории во рамките на училиштата, од каде ќе можат да ги земат по завршување на наставата. Доколку вработените во училиштата увидат дека некој ученик поседува и втор телефон може да го одземе и да го врати на родителите или старателите – информираат од општината.

Оттаму додаваат дека ваквата препорака е донесена по спроведените консултации со директорите и стручните служби на училиштата, по што Општина Аеродром покрена иницијатива која наиде на поддршка од страна на училишните одбори и од советите на родители.

– Со оваа препорака имаме за цел да ги заштитиме нашите ученици од несоодветни, непристојни, па дури и опасни содржини што секојдневно се шират по одредени социјални мрежи кои за жал се пресликуваат и во нашата реалност. Исто така, очекуваме учениците со поголемо внимание и фокусираност да ги следат предавањата на часовите со што ќе се подобри образовниот процес, но и да развијат поголема друштвеност и емпатија меѓу себе и да се избегне потенцијална појава на мобинг и на меѓуврсничко насилство. Оваа препорака е во насока и на истражувањата спроведени од страна на Организацијата на Обединетите нации за образование, наука и култура (УНЕСКО), од каде во јули 2023 година укажаа на негативните ефекти од употребата на паметни телефони врз процесот на учење. УНЕСКО советува за соодветна употреба на технологијата во училиштата – велат општинските власти.