Фото: Игор Бансколиев

Како што информираат градските власти, проектот има цел да обезбеди контрола на загадувањето на воздухот во Скопје така што ќе обезбеди услови за одржување бесплатна настава и обука за возобновување на професијата оџачар преку размена на искуства со оџачари од Сојузна Република Германија

ПРОЕКТ ЗА ОБЕЗБЕДУВАЊЕ КОНТРОЛА НА ЗАГАДУВАЊЕТО НА ВОЗДУХОТ ОД СКОПСКИТЕ ОЏАЦИ

Загадувањето на воздухот не потекнува само од возилата и палењето огнови на отворено, факт што се докажа изминатиот период во голем број научни студии и анализи. Најголем удел во загадувањето на воздухот имаат домаќинствата, со загревањето на домовите со помош на дрва. Тоа значи дека чадот од изгорените дрва што излегува од оџаците е еден од најголемите загадувачи на воздухот, особено доколку оџаците не се соодветно средени и исчистени.

ПРОМОЦИЈА НА ПРОФЕСИЈАТА ОЏАЧАР

Оџаците ја имаат главната улога во одржувањето на безбедноста на домовите и здравјето на луѓето. Кога тие не се исчистени, фрлаат жар, можно е да се запалат, а и испуштаат голем број честички, кои дополнително го загадуваат воздухот во Скопје.
Со оглед на тоа што цената на струјата драстично се зголеми, загревањето на домовите на печки буди сѐ поголем интерес кај жителите. Токму поради тие причини, градските власти започнаа со спроведување на проектот „Оџачари за чисти печки и чист воздух во Скопјe“, кој е финансиран од Министерството за економска соработка и развој од Сојузна Република Германија и се реализира во соработка со збратимениот град Нирнберг од Сојузна Република Германија.
Како што информираат градските власти, проектот има цел да обезбеди контрола на загадувањето на воздухот во Скопје така што ќе обезбеди услови за одржување бесплатна настава и обука за возобновување на професијата оџачар преку размена на искуства со оџачари од Сојузна Република Германија.
– Проектот е фокусирани на подобрување на состојбата со квалитетот на амбиенталниот воздух во градот Скопје, преку намалување на емисиите од приватните домаќинства. Според националниот инвентар на емисии, секторот греење во домаќинствата е главен извор на емисии на суспендирани честички и полициклични ароматични јаглеводороди, две од најкритичните загадувачки супстанции во воздухот во земјава. Поради дифузијата на овие загадувачки супстанции, уредите за горење дрва во домаќинствата имаат значително влијание врз загадувањето на воздухот. За намалување на ова влијание, проектот се стреми да ја возобнови и промовира професијата оџачар за редовна проверка и одржување на димоводните канали (оџаци) и на тој начин да придонесе за подобрување на состојбата со квалитетот на амбиенталниот воздух во Скопскиот Регион – информираат градските власти.

СПРОВЕДЕНИ ТРИ ОБУКИ

Градските власти информираат дека во изминатиот период биле спроведени три обуки преку посебната програма на СГГУС „Здравко Цветковски“, која е верифицирана установа во градот Скопје за држење наставна и практична обука на оџачари, на која беа обучени 20 лица.
– За зголемување на интересот и возобновување на оваа професија ќе се изработи правен акт што ќе има цел да ја регулира професијата оџачар, ќе се предвиди обврска за редовно чистење и динамика на одржување на оџаците од домаќинствата, за да се подобри квалитетот на амбиенталниот воздух, како и за намалување на бројот на несакани пожари предизвикани од неисчистените оџаци – велат од Градот.
Оттаму додаваат дека во рамките на проектот е предвидено да се спроведе кампања за промовирање на значењето на професијата оџачар од аспект на заштита на здравјето на луѓето и заштита на амбиенталниот воздух, кампања за информирање, едуцирање и зголемување на свеста на граѓаните за важноста на редовното чистење и одржување на димоводните канали и на оџаците, ќе се изработи софтверскa алатка водење евиденција за извршено чистење на оџаците и создавање дата-база на корисници што индивидуално ги загреваат своите домаќинства.
За граѓаните ова е доста добра шанса, особено за самовработување, бидејќи има многумина што бараат а не можат да најдат работа, па ваквата обука навистина ќе им помогне да обезбедат егзистенција.
– Убаво е тоа што обуката е бесплатна, па секој што сака да работи ќе може да научи како се чистат оџаци и тоа да му биде професија од која ќе живее – вели Александар Димитриевски.

ШТО ВЕЛАТ ПОЖАРНИКАРИТЕ

За пожарникарите, чистите оџаци се многу важни не само заради чист воздух туку и заради безбедноста.
– За време на согорувањето на горивото во шпорет или камин, се појавуваат димни гасови заситени со водена пареа и саѓи. Во процесот на нивното движење по оџакот, тие се ладат и пареата почнува да кондензира на неговите ѕидови, каде што се таложат саѓи, односно катран, кој го затнува протокот на гасовите. Кога имаме ваков случај, најчеста грешка што се прави од корисниците е повеќе ложење на шпоретот со дрва, пелети и друго, не водејќи сметка дека со тоа само се загреваат гасовите што ја палат смесата залепена на оџакот. Затоа е потребно редовно чистење и проверка на оџаците од релевантни институции – смета Боби Велјановски, командир на вод во скопската противпожарна бригада.
Според него, постојат неколку начини на чистење оџаци, и тоа со помош на специјални хемикалии и механичко чистење.
– Од почетокот на оваа година, бригадата на Скопје интервенирала на 47 запалени оџаци. Според сите студии што се направени, докажано е дека зголемувањето на ПМ-честичките е значително поприсутно во зимскиот период во местата каде што се користат цврсти горива (дрва, јаглен) за загревање на домаќинствата – вели тој.

[email protected]