Неодамна, екипите на ЈП „Паркови и зеленило“, по налог на Град Скопје, поставија нова парковска опрема кај езерцата во вториот дел од Градскиот парк. Новиот парковски елемент целосно се вклопува во природниот амбиент, придонесува за збогатување на содржините во паркот и е вистинско место за пријатен престој на отворено. Видиковецот е изработен од дрвени елементи и е покриен со шиндра.
Одржувањето на зеленилото, уредувањето нови зелени површини и поставувањето нова парковска опрема е само дел од активностите што деновиве ги изведува ЈП „Паркови и зеленило“ во Градскиот парк.
– Во паркот продолжува и реконструкцијата на средишните пешачки патеки, која ја врши ЈП „Улици и патишта“, а ќе продолжи и во наредниот период, со цел да се обноват со нов асфалт вкупно 3.000 квадратни метри. Во наредниот период, службите од Град Скопје ќе извршат обнова на оштетената урбана опрема во Градскиот парк, ќе се обноват нефункционалните чешми за пиење на вода и фонтани, а ќе се изврши и дополнително зазеленување на постојните тревници – информираат од претпријатието.