За политичките аналитичари, предизвикувањето инциденти на протестите оди во прилог на дестабилизација на општеството, за тоа да стане ранливо и немоќно во заштитата на националните интереси, кои, секако, се загрозени со т.н. француски предлог. Дури и насилните и оружени инциденти се објаснуваат и „оправдуваат“ низ призмата на партиските интереси, што само ја покажува кулминацијата на поделбата во македонското општество, тврдат нашите соговорници

Сцени од Див Запад на плоштадот „Скендербег“

Уште од самата најава за граѓанските протести против францускиот предлог за наводно одблокирање на македонските евроинтеграции со почеток на преговорите за членство на Македонија во ЕУ, јавноста беше предупредувана од можноста за подметнување провокации и провокатори со различни задачи и намери, но главно за дискредитирање на пораката што сакаат да ја упатат тие што протестираат. Предизвикувањето инциденти на граѓански протести, на некој начин е „пресметан ризик“, кој треба да го превенираат и организаторите на настаните, но пред сѐ институциите задолжени за безбедноста и јавниот ред во општеството. Тргнувајќи од таквите аксиоми на општественото организирање, инцидентите што се случија во последните два дена од протестите (каменување на Собранието и на МНР, а особено закана и нишанење со огнострелно оружје кон групата во движење што се случи на плоштадот „Скендербег“) ја поставува дилемата за подготвеноста на безбедносните структури да им ги обезбедат сигурноста и безбедноста на граѓаните. Вакви сцени на мавтање со пиштол како од вестерните за Див Запад се навистина крајно иритантни и недозволиви во една демократска држава, која, патем, е и членка на НАТО и претендентка за ЕУ.

– ВМРО вика ДУИ и СДСМ исценирале. СДСМ и ДУИ викаат – ВМРО и Левица. И двете варијанти се суперможни. Можна е и трета варијанта, да пукал самостојно – бил револтиран, камења летале итн. Пукање кон толпа не оправдува ништо. Исто како што не се оправдува да му се каменува хотелот, ако му бил каменуван. И тука некаде доаѓа поентата. Каде беше полицијата? Демек, не знаат да проценат дека тука е најризично за судир – го коментираше адвокатот Јанаки Митровски на социјалните мрежи инцидентот со насочување на огнострелно оружје кон групата што се протестира и се движи во центарот на Скопје, кај плоштадот „Скендербег“.
За политичките и општествените аналитичари, предизвикувањето инциденти на протестите секако е во прилог на дестабилизација на општеството, особено во миг што македонските граѓани го чувствуваат како пресуден за носење историска одлука за зачувување на националниот идентитет пред ултиматумите за себенегација, завиткани во некаква „европска обланда“.

– Во досега регистрираните инциденти на протестите, се чини дека од оние што треба да им ја гарантираат безбедноста на граѓаните на такви масовни настани, како да е оставено намерно да се случат. Како да се остава да бидат испровоцирани меѓуетнички тензии (па, дури и конфликт), за да се дискредитираат мотивот и пораката на протестот – дека за Македонците и Македонија е неприфатлив предлогот за преговори со ЕУ, во кој како услов се поставува откажување од македонскиот национален идентитет. Меѓусебното барање одговорност и обвинување за инцидентите меѓу власта и опозицијата секако оди во прилог на дестабилизација на општеството (еднакво како и самите инциденти), со намера да биде немоќно во заштитата на националните интереси, кои, секако, се загрозени со т.н. француски предлог како Македонија да почне преговори со ЕУ – вели поранешната македонска амбасадорка Мелпомени Корнети.
Универзитетскиот професор по социологија Илија Ацески, во предизвикувањето инциденти на протестите препознава во поголема мера битка за власт на политичките субјекти во Македонија (како за останување, така и за освојување), кои својата шанса ја гледаат во пренасочување на искрениот револт на граѓаните на европските уцени кон своите партиски изборни рејтинзи.

– Дојдени сме до една фаза на општественото постоење во Македонија, кога секој масовен настан што носи предизвик за историска национална одлука добива и се сведува на партиско-политички обележја, па и политичка пресметка. Сведоци сме на врвот на партизација на еден систем, кој не може да се разбере, прифати и објасни, а да не добиете квалификација дека му припаѓате на некој партиски блок. Дури и насилните и оружени инциденти се објаснуваат и „оправдуваат“ низ призмата на партиските интереси. За жал, тоа ја покажува кулминацијата на поделбата во македонското општество, како на етнички, така и на партиски план. Во таква тотална поларизација нема место за рационални објаснувања. Дури не знаеме ни каде ќе нѐ одведе стадиумот на општествен револт, зашто во граѓанските протести како своевидна битка за Македонија, т.е. зачувување на македонскиот национален идентитет, сепак во голема мера се видливи партиските амбиции за зачувување или освојување на власта – вели професорот Илија Ацески.