Од „Макекспрес превоз“ велат дека не се организатори на протестите и не знаат до кога ќе траат протестите, дали ќе се прошират на други улици и во кој формат ќе се протестира. Апелираат политичките партии да не ги злоупотребуваат претпријатието и превозниците за политички препукувања и поени.
– Јавно, преку вас медиумите, апелираме политичките партии да не ги злоупотребуваат претпријатието и превозниците за политички препукувања и поени, бидејќи ние како „Макекспрес превоз“ постоиме од осамостојувањето на државата и досега, без разлика на нашите лични политички убедувања, не сме давале јавна политичка поддршка, ниту сме фаворизирале политички партии – се вели во писменото соопштение на директорот на „Макекспрес превоз“, Милорад Димитријевски.
Тој во соопштението истакнува дека претпријатието останува да биде силна поддршка на превозниците кои им ја дале довербата да го штитат нивниот интерес, и додава дека тоа го прават преку поднесување тужби до надлежните институции и користење на сите законски алатки со цел долгот да не се забошоти и парите за извршената работа да бидат наплатени.
– „Макекспрес превоз“ не е организатор на протестите. На улиците со своите возила се приватните превозници кои бараат средба со градоначалничката Данела Арсовска и исплата на заостанатиот долг. Раководството на „Макекспрес превоз“ не знае до кога ќе траат протестите, дали ќе се прошират на други улици и во кој формат ќе се протестира – вели Димитријевски.
Тој во име на превозниците им се извинува на граѓаните за настанатиот метеж по улиците и ја повикува градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска, да седне на преговарачка маса за наоѓање на соодветно решение за проблемот.
– Сметам дека бегањето од соочување не смее да биде опција, затоа што му штети на јавниот интерес, на кој таа често се повикува. Превозниците имаат право да знаат зошто долгот не им се исплаќа, а граѓаните очекуваат одговор зошто улиците им се блокирани – се наведува во соопштението.