Градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска, потпиша договор за меѓуопштинска соработка со градоначалникот на Општина Гази Баба, Бобан Стефковски, со што Градот целосно ќе ја финансира реконструкцијата на улицата Перо Наков во Гази Баба.
– По барање на граѓаните од заедниците Кирил Петрушевски, Триангла и Маџари 1, кои застапуваат повеќе од десет илјади жители, Град Скопје ќе ја финансира реконструкцијата на улицата Перо Наков. Ова е значаен проект за жителите на Гази Баба затоа што улицата не била реконструирана со децении, а станува збор за најфреквентната улица во општината. Конкретно за улицата Перо Наков се планира реконструкција на должина од 2.000 метри, каде што целосно ќе се заменат оштетените и ќе се изградат нови тротоари и ќе се постават нови автобуски стојалишта по должината на улицата – изјави градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска.
За градоначалникот на Гази Баба, Бобан Стефковски, проектот е одговор на барањата на граѓаните на општината.
– Проектите треба да бидат одраз на барањата на граѓаните. Работиме во нивен интерес. Со реконструкцијата на оваа најфреквентна улица го олеснуваме функционирањето на околу 30.000 граѓани што циркулираат на дневна основа во овој дел од општината. Ќе биде опфатен потегот од раскрсницата со улицата Маџари до улицата Индустриска 2, каде што ќе има ископ на коловозна конструкција, тампонирање и асфалтирање со три слоја асфалт, замена на оштетените рабници. Меѓу општинската соработка со Град Скопје ќе донесе доста проекти за граѓаните на Гази Баба и ние како општина со ова го започнуваме циклусот на градежна офанзива – изјави Бобан Стефковски, градоначалникот на Општина Гази Баба.