Џејмс постигна 56 поени и тоа е негов најдобар поентерски ефект во дресот на ЛА лејкерс

КОШАРКА

По серијата порази, кошаркарите на Лос Анџелес лејкерс забележаа победа на свој терен против Голден стејт со 124-116, во мошне возбудливи натпревар во НБА-лигата, и покрај лошата форма на двете екипи. Иако домаќинот од плус 11 отиде до минус 14 поени разлика, сепак неизвесноста лебдеше, а на три минути до крајот резултатот беше нерешен. Сепак, со серија од 8-0, домаќинот оствари значајна победа во Западната конференција во НБА-лигата, а ривалот го забележа четвртиот пораз во низа.
Дуелот го обележа феноменалниот Леброн Џејмс, кој уфрли дури 56 поени, што е негов најдобар поентерски ефект во дресот на ЛА лејкерс и 13-ти пат да уфрли повеќе од 50 поени на еден меч во НБА. Покрај своето име тој придодаде и 10 скока. Најголема поддршка во победата тој имаше од Расел Вестбрук, кој реализира 20 поени, со што заедно постигнаа повеќе од половината поени на нивниот тим.
Во спротивниот табор доминираше Стеф Кари со 30 коша, а Џордан Пул постигна 23. Со оваа победа, прва по четирите порази во низа, ЛА лејкерс стигна до резултат од 28 победи и 35 пораза и е на деветтото место во Западната конференција во НБА-лигата. Голден стејт има ефект од 43-21 и моментно е на втората позиција. Прв е Феникс со 51-12. Во Источната конференција води Мајами со 43-22.