Навистина сме тажни и загрижени поради конфликтот во Украина и нашите мисли се со народот на Украина и со сите што се засегнати од тековната ситуација. Сметаме дека сега не е момент климатските промени да бидат ставени во фокусот, па поради тоа локалната канцеларија на „Часот на планетата Земја“ во Македонија се придружи кон одлуката на голем број земји во регионот, Европа и светот, оваа година, во знак на поддршка и солидарност на тековната светска криза, да не ги одржи едночасовното исклучување на осветлувањето и прославата на најголемата светска еколошка акција „Часот на планетата Земја“, порачаа од македонската канцеларија на акцијата „Часот на планетата Земја“

СВЕТСКАТА КРИЗА ГО СУСПЕНДИРА ОДБЕЛЕЖУВАЊЕТО НА „ЧАСОТ НА ПЛАНЕТАТА ЗЕМЈА“

„Часот на планетата Земја“, кој традиционално и симболично се одржува секој 26 март уште од 2007 година, во обид да се сврти вниманието кон итното дејствување за намалување на ефектите од климатските промени, затоа што од тоа зависи нашата иднина на оваа планета, оваа година ќе остане без одбележување. Глобалната светска криза и конфликтот во Русија и Украина, за жал, оваа година го суспендираа симболичното одбележување со исклучување на светилките во метрополите во времетраење од еден час.

СОЛИДАРНОСТ ПРЕД СЀ

„Часот на планетата Земја“, кој, традиционално, в сабота требаше да се одбележи со исклучување на светилките на сите институции, булевари и знаменитости, насекаде во светот и во земјава годинава е во сенка на светската криза, а и на актуелната состојба со конфликтот помеѓу Русија и Украина.
Според Ѓорги Селков од локалната канцеларија на акцијата „Часот на планетата Земја“ во Македонија, оваа година одбележувањето на „Часот на планетата Земја“ се случува во навистина тешки и предизвикувачки времиња за човештвото.
– Акцијата, која започна од веќе далечната 2007 година во градот Сиднеј, оваа година требаше да обедини повеќе од 190 земји во светот во момент на солидарност за планетата Земја. Во срцевината на своето постоење, „Часот на планетата Земја“ е креирана за да го обедини човештвото во момент на солидарност во знак на поддршка за луѓето и природата.
Нашата визија отсекогаш била креирање позитивно влијание за менување на климатските промени и зачувување на единствената планета што ја нарекуваме наш дом – вели тој.
Селков нагласува дека во овие предизвикувачки и тешки времиња, решиле оваа година да им дадат приоритет на луѓето.
– Навистина сме тажни и загрижени поради конфликтот во Украина и нашите мисли се со народот на Украина и со сите што се засегнати од тековната ситуација. Сметаме дека сега не е момент климатските промени да бидат ставени во фокусот, па поради тоа локалната канцеларија на „Часот на планетата Земја“ во Македонија се придружи кон одлуката на голем број земји во регионот, Европа и светот, оваа година во знак на поддршка и солидарност на тековната светска криза да не го одржи едночасовното исклучување на осветлувањето и прославата на најголемата светска еколошка акција „Часот на планетата Земја“ – нагласи Селков.
Според него, „Часот на планетата Земја“ отсекогаш имал славенички тон и ги повикувал луѓето да учествуваат во обединување за спас на природата и планетата Земја.
– Оваа година, како одговор на конфликтите во Украина, нашиот тон е сочувствителен, обединувајќи се во глобална солидарност. Важно е да се нагласи дека законите на природата се нарушуваат и кога ја уништуваме природата, но и кога ги уништуваме луѓето. Нашето мото е – природата и луѓето – потенцира тој.
Селков истакна дека, сепак, акцијата „Часот на планетата Земја“ на глобално ниво ќе понуди уште еден момент за солидарност и можност за дружење, за грижа едни за други и за единствениот дом што сите го делиме.
– Благосостојбата и здравјето на нашите поддржувачи и персонал се наш главен приоритет. Стоиме во солидарност и поддршка на нашите глобални заедници и ги охрабруваме сите безбедно да учествуваат во „Часот на планетата Земја“, за да помогнеме да се изгради свет каде што сите луѓе и природата живеат во хармонија. Поради тоа, сите што сакаат симболично да се вклучат во најголемата светска еколошка акција „Часот на планетата Земја“, ги повикуваме да ги исклучат светилките во своите домови на 26 март во период од еден час, од 20.30 до 21.30 часот – рече Селков.

НЕКОИ ГРАЃАНИ СИМБОЛИЧНО ЌЕ ГИ ИСКЛУЧАТ СВЕТИЛКИТЕ

До минатата година, голем број јавни претпријатија, општини и државни институции се приклучуваа кон оваа акција. Светилките беа исклучени на поголемите градски булевари и општински улици, а и голем дел од населението ја поддржуваше оваа акција. Оваа акција лани наиде на голема поддршка и од претседателот на земјава, Стево Пендаровски, кој ги исклучи светилките на вилата „Водно“, Владата беше во едночасовен мрак, а сите паркови исто така беа без осветлување.
Годинава, за жал, и покрај тоа што нема да се одбележи официјално „Часот на планетата Земја“, голем дел од населението вели дека ќе даде своја мала поддршка.
– Секоја година во знак на поддршка ги исклучувавме светилките во дворот и во нашиот дом. И оваа година, и покрај тоа што официјално нема да се одржува, симболично, во времетраење од еден час ќе ги исклучиме светилките. Сметаме дека тоа е најмалку што можеме да направиме за нас, за нашата животна средина и за идните поколенија. Само здружено и со заеднички сили ќе можеме да ги научиме нашите деца и да влијаеме на една поубава и посветла иднина – вели Ивана Трајановска.

[email protected]