Автобусите – огледало на градот и на културата на патниците

Искинати и целосно расклатени седишта, откорнати и исчкртани пластики, откорнати навлаки од седишта, залепени гуми за џвакање се само мал дел од сликите што можат да се видат во автобусите на ЈСП-Скопје. На крајот на денот во автобусите понекогаш изгледа како во мала канта за отпадоци. Влажни марамчиња, обични марамчиња, лушпи од банани и портокали, разни пакувања од чипсови, лушпи од семки,
сончоглед и кикиритки се честа слика како одраз на нашата (не)култура

Колку се грижат граѓаните за хигиената во јавниот градски превоз и за состојбата на инвентарот

Скопје, како и секоја друга метропола, се стреми да биде град што ќе остави позитивен впечаток и кој ќе одговори на предизвиците што ги носи токму тој епитет – метропола. Тоа не значи само да се биде главен град на една земја туку и нивото на хигиена да биде високо, грижата за градот да биде на високо ниво, но и грижата за сето она што го обележува Скопје како главен град. Една од тие важни точки на кои по сѐ изгледа им е потребно посебно внимание, секако, е јавниот градски превоз.

ИСКРШЕНИ, ОБОЕНИ, УНИШТЕНИ…

Јавниот градски превоз веќе неколку месеци постојано ја бранува јавноста, а во последно време неговите корисници, освен сериозните забелешки за нередовноста на автобусите, почнуваат да наоѓаат замерки и за ентериерот на автобусите во кои се возат.
Искинати и целосно расклатени седишта, откорнати и исчкртани пластики, откорнати навлаки од седишта, залепени гуми за џвакање се само мал дел од сликите што можат да се видат во автобусите на ЈСП-Скопје.
До нашата редакција изминатиот период пристигнаа голем број поплаки за ентериерот на автобусите, кои, за волја на вистината, воопшто не изгледаат како автобуси што сообраќаат во една метропола.
За граѓаните оваа состојба е поразувачка, а многумина од тие што одговорија на нашата анкета велат дека сѐ почесто го избегнуваат автобускиот превоз, токму како последица на состојбата на автобусите.
– Последниве години во Скопје избегнувам да возам автомобил, бидејќи немам каде да паркирам, а и не сакам да давам пари за паркинзи, па, така, автобусите секогаш ми биле одлична опција. Меѓутоа, последниве години, да не бидам брутална, автобусите се руинирани. Само да ги видите платната на седиштата, навистина ќе ви се згрози да седнете. Премногу се валкани. Имам мали деца, кои како и сите други мали деца обожаваат да се возат во автобус, и тоа во двокатните горе, меѓутоа сѐ почесто го избегнувам тоа, бидејќи во некои автобуси сликата е навистина грозна. Не сакам моите деца да седат на такви седишта, тие се мали деца, сѐ допираат со рацете, а потоа рацете ги ставаат во уста и ете проблем – вели Павлина Таневска, жителка на Лисиче.
Многумина со кои разговаравме велат и дека сведочеле на ситуации во кои пред нивни очи патници намерно ги оштетувале автобусите.
– Има млади патници, тинејџери што со заплака ги горат отворите за вентилација, внатре ставаат хартија, капачиња од шишиња, нозете ги креваат на седиштата, пијат сокови, па ги истураат, грицкаат семки и сончоглед, а често и фрлаат ѓубре како да е тоа контејнер – вели Лиле Спировска.

КРАЈОТ НА СМЕНАТА ПОКАЖУВА КАКВИ ПАТНИЦИ СЕ ВОЗЕЛЕ ДЕНТА

Дека вината не е во ЈСП, туку во патниците, потврдуваат и возачи во претпријатието, кои велат дека при секое оставање на автобусот во гаражата, тие мора да направат обиколка за да видат каква штета е направена во автобусот.
– Да сме во друга земја, возачот само ќе го заклучи автобусот и ќе замине дома, бидејќи ја знае културата на своите патници. Кај нас мора да се направи обиколка. Да се види што ново е искршено, да се собере ѓубрето… и тоа е така постојано. Не знам како може да имаме толку многу некултурни луѓе во градов. Ако забележите, не се само автобусите. Проблемот е насекаде. Надлежни ќе стават клупи во градскиот парк, веќе следните неколку часа клупите се фрлени во езерцата. Значи, тоа е некој проблем во нашиот код на размислување и еволуирање – вели возач во ЈСП, кој сакаше да остане анонимен.
Тој вели дека на крајот на смената, во автобусите понекогаш изгледа како во мала канта за отпадоци. Влажни марамчиња, обични марамчиња, лушпи од банани и портокали, разни пакувања од чипсови, лушпи од семки, сончоглед и кикиритки се честа слика што ги нагрдува автобусите.

ЈСП: ПАТНИЦИТЕ СЕ ВИНОВНИ

И од Јавното сообраќајно претпријатие – Скопје истакнуваат дека проблемот е веќе лоциран, но и со сите залагања на службите на претпријатието, патниците се оние што прават внатрешноста на автобусите да се амортизираат „со брзина на светлината“…
– За жал, речиси секојдневно регистрираме штети во внатрешноста на возилата и ги санираме во согласност со условите и околностите со кои располагаме. ЈСП-Скопје секојдневно врши санација на оштетените делови во внатрешноста на возилата (седишта, рачки, отвори за вентилација, полначи за мобилен телефон, па и валидатори), кои се уништени од страна на несовесни патници. За жал, факт е дека има несовесни патници што од ним познати причини го уништуваат, во случајов, јавното добро – нагласуваат од претпријатието.
Оттаму, како уште еден голем проблем го истакнуваат и ѓубрето што се остава од патниците.
– Да укажеме дека и секојдневно наидуваме на секаков вид отпад што некои од патниците го фрлаат во возилата. Впрочем, хигиената во возилата, како и состојбата на инвентарот, во најголема мера е одраз на културата на дел од патниците – велат оттаму.
Од ЈСП уште еднаш апелираат, па и ги замолуваат корисниците на јавниот превоз, при неговото користење да се однесуваат совесно и одговорно.

[email protected]