Фото: Маја Јаневска-Илиева

Експериментот (нашата новинарска опсервација/истражување) траеше една работна седмица, секојдневно по три часа (од 9 часот наутро до 12 часот напладне), на пет различни локации во главниот град. Резултатите беа фрапантни во однос на (не)почитувањето на мерките за заштита од коронавирусот од страна на вработени (општи работници) во јавните и општинските претпријатија

Забележителен број вработени во јавните, општинските и државните претпријатија не носат заштитна маска

Додека секојдневно сме бомбардирани со информации и предупредувања за неопходноста од носење заштитни маски, потоа со информации за тоа колку граѓани биле санкционирани поради непочитување на мерките за справување со коронавирусот, односно поради неносење заштитни маски, исто така на секојдневна основа лично и непосредно можеме и да забележиме и да се увериме колку вработените во јавните и општинските претпријатија ја прекршуваат оваа мерка воведена од страна на Владата на Македонија.
Експериментот (нашата новинарска опсервација/истражување) траеше една работна седмица, секојдневно по три часа (од 9 часот наутро до 12 часот напладне), на пет различни локации во главниот град. Резултатите беа фрапантни во однос на (не)почитувањето на мерките за заштита од коронавирусот од страна на вработени (општи работници) во јавните и општинските претпријатија.
Независно дали станува збор за градежни работници што во моментов работат на повеќе сообраќајници низ главниот град, вработени во комуналните претпријатија, во општините, вработени во јавниот и приватниот превоз, сите тие се оглушуваа и ја игнорираа мерката за носење заштитна маска.

Од друга страна, многумина од граѓаните што ги анкетиравме во врска со оваа појава и кои лично уверуваа во тоа, исплашени да не добијат прекршочна парична казна во висина од дваесет евра, односно десет евра доколку се плати во рок од седум дена, ги носат заштитните маски дури и тогаш кога не треба да ги носат.
Граѓаните беа револтирани од ваквото однесување од страна на оние што се вработени во општинските институции, а кои треба да бидат првите што ќе ги почитуваат сите мерки и препораки, бидејќи истите тие се донесени од оние од каде што тие како вработени земаат плата. Сите анкетирани граѓани реагираа на сличен начин.
– Носат закони, уредби, препораки и мерки што ни самите не ги почитуваат. Апсурдно е. Јас од страв носам маска дури и кога возам велосипед, а некој ноншалантно додека стои на улица и го собира ѓубрето одбива да стави заштитна маска затоа што му пречела. За каква еднаквост станува збор тука? Зарем тој е повеќе од мене и не мора да носи заштитна маска во услови кога покрај него минуваат десетици луѓе, кои, доколку тој е носител на ковид-19, лесно може да ги зарази, поради неговото несовесно однесување и неносење заштитна маска – вели Саше Трајков, жител на Скопје, кој вели дека постојано низ градот забележува вработени во јавни претпријатија без заштитна опрема.
Според Лејла Укаиновиќ, слично е и со работниците што работат на реконструкција на булеварите.

– Верувам и знам дека им е мачно да работат со заштитни маски. И мене ми е, но никој не ме прашува дали сакам да носам заштитна маска или не. Едноставно е, ако мора јас да носам, мора и тие. Првенствено заради себе, потоа заради сите нас, за да се справиме со вирусот, кој секојдневно зема сѐ поголем данок. Мора да сме сите заеднички свесни дека ние како мала држава лесно може да потонеме доколку не ни проработи самосвеста. На една улица работат повеќе од десетина работници. Ако е заразен само еден, ќе се заразат сите десетмина. Пресметајте и тие десет лица со своите семејства колкава бројка е тоа само за неколку дена. Свеста мора да проработи и надлежните мора да постават пример и да казнуваат насекаде, без разлика кој каде е вработен – вели таа.
Состојбата, според граѓаните, не е ништо подобра ниту во маркетите и бензинските пумпи.
– Освен што во аптеките и банките строго се почитуваат препораките, во маркетите, помалите приватни бензински пумпи и помалите маалски дуќанчиња воопшто како да не постои вирусот. Кај нас во маркет слободно си влегуваат купувачи без заштитни маски, никој од вработените не ги прекорува дека не може да влезат без маска. Се туркаат, не внимаваат на растојанието од минимум еден метар. Постојано морам да им укажувам и постојано ме напаѓаат. Јас сум носела маска, зошто сум се грижела за тоа што тие не носеле. И во малите продавнички сликата е иста. И продавачите тука не носат заштитни маски иако се задолжителни.

Бидејќи сега полицијата сѐ почесто можеме да ја забележиме, штом видат полициско возило или, пак, полициски службеници, веднаш ги ставаат маските преку уста и нос – вели Вера Димовска.
За овој проблем побаравме став од градските власти. Оттаму ни одговорија дека секој што не носи заштитна маска треба да биде санкциониран.
– Законските насоки во однос на носењето маска на отворено се јасни. Исто како и сите други законски мерки, секој што не се придржува до законот, треба да биде санкциониран – велат од градот.
Носењето заштита преку носот и устата е задолжително. Според официјалните податоци, до крајот на минатиот месец беа санкционирани повеќе од 88 илјади граѓани за неносење заштитна маска.

Законот за заштита на населението од заразни болести предвидува носење лична заштита на лицето, и тоа: респираторна маска, хируршка маска за еднократна употреба, текстилна маска за повеќекратна употреба, свилена марама или шал, памучна марама или шал, бандана и слично, при излегување надвор од домот, односно при движење на јавни места и површини од отворен и затворен тип, на пазари, во јавен превоз и при влез во затворени простори на оператори што поради нивната природа на дејност претставуваат место на собирање на повеќе лица (државни институции, маркети, продавници, банки, пошти, чекалници, здравствени установи и слично).
Оваа мерка не важи при спортување на отворен простор или на затворено со почитување на специфичните протоколи за заштита (дистанца, дезинфекција и слично); при возење во приватно патничко моторно возило ако возачот е сам или со лице/лица со кој/кои живее во заедница; при престојување во двор на семејна куќа сам или со лице/лица со кој/кои заедно живеат во заедница; при седење во угостителски објект со почитување на специфичните протоколи за заштита (дистанца, дезинфекција и слично); ако се користи друг тип на заштитна опрема специфична за определено работно место; ако лицето е помладо од шестгодишна возраст (дете); и ако лицето има специфична здравствена состојба, е лице со посебни потреби или е лице со пречки во развој, поради што носењето лична заштита на лицето би било проблематично или контраиндицирано.

Новинарскиот експеримент чии резултати се изнесени само на ниво на заклучок (без детализирање и здодевни нумерички повторувања на секојдневните прекршители) немаше цел да нападне или да му наштети некому ниту како индивидуа ниту како институција. Напротив. Опсервацијата имаше задача да се констатира реалната, фактичка состојба на намалената свесност за здравствените опасности, непочитувањето на самите себеси, загрозувањето на околината, своите најблиски и самите себе. Дилемата за неинформираноста на граѓаните, непочитувањето на инструкциите, на наредбите и одлуките на надлежните се продлабочи. Исто како што се продлабочи и стереотипот за нашата автодеструктивност. Но, како и да е, веруваме дека написот за оваа опсервација ќе го прочитаат што повеќе наши сограѓани и свесно ќе се ресетираат, а институциите ќе преземат соодветни мерки и активности во интерес на колективот и заедницата.

[email protected]