Фото: Дарко Андоновски

Веста дека кафеаните низ Скопје ќе даваат ваучери за такси-превоз на пијани гости сѐ уште не ја затвори граѓанската дебата, што потоа се разви, за тоа дали треба да се дозволи вакво нешто, дали со една ваква акција не се поддржуваат опијанувањето по кафеани и алкохолизмот, се поттикнуваат ли младите на пијанење….

Дискусии и разни коментари се појавија и на социјалните мрежи, а особена тежина на случувањето за многумина беше фактот што на прес-конференцијата на која одекна информацијата се појави скопскиот градоначалник Петре Шилегов. За многумина фактот дека пијаните гости ќе добијат бесплатен превоз за враќање дома, значеше стимулирање на консумирањето алкохол, наспроти главното мото на акцијата, која беше промовирана, граѓаните да не влегуваат во автомобил кога веќе пиеле. Такви беа коментарите на многу од граѓаните и додаваа дека сега со бесплатниот такси превоз од кафеаните, секој ќе може да се стимулира добро да се напие, ако веќе некој му го плаќа превозот. На веста дека кафеаните ќе им даваат на пијаните гости бесплатни ваучери весело реагираа некои од матурантите. Но негодуваа нивните родители, бидејќи токму изминатиот месец нивните деца ги одбележуваа своите матурски вечери и често беа по кафеаните.

Од градот велат дека кампањата што беше промовирана во ресторанот „Стара куќа“ всушност е кампања за безбедност во сообраќајот, а беше насловена „Ги возиме одговорните“. Градот Скопје само го поддржа овој настан заедно со Авто-мото сојузот на Македонија и Републичкиот совет за безбедност во сообраќајот на патиштата. На прес-конференцијата градоначалникот Шилегов, кажа дека безбедноста на учесниците во сообраќајот за него нема цена. Исто така рече дека целта на оваа кампања е да се зголеми свеста кај граѓаните да возат одговорно, да избегнуваат да возат под дејство на алкохол за да не го загрозат ниту својот ниту животот на другите учесници во сообраќајот. Пред некој викенд дури 500 возачи беа фатени како возат под дејство на алкохол. Со вакви бројки не е воопшто чудно што сме на дното на листите за безбедност на улиците во европски рамки. Беше дециден дека граѓаните на Скопје мора да заборават на своите автомобили кога консумираат алкохол. Објасни дека јавниот превоз работи до доцна во ноќта, такси-цените се релативно евтини во споредба со други градови, а сега се нуди и можност за бесплатно такси. Шилегов тогаш појасни дека во вакви услови смета дека овде веќе не може да се има никаква толеранција за возење под дејство на алкохол.
По објавата на веста за бесплатниот превоз на алкохолизираните гости од кафеаните за многумина висеше прашањето дали градот ќе ги субвенционира трошоците за бесплатниот такси-превоз, но од градот беа јасни во одговорот дека за тоа ќе бидат одговорни угостителите.

– Градот Скопје не ги обезбедува ваучерите, висината на надоместокот и времетраењето на акцијата, тоа е партиципација на рестораните, преку платформата што го овозможува користењето на истите тие. Градот Скопје ја дава целосната поддршка, заедно со другите субјекти во случајов РСБСП и АМСМ, за да се обезбеди намалување на несреќите и жртвите во сообраќајот – велат од градот Скопје.
Во кампањата „Ги возиме одговорните“ вклучени се 30 кафеани во Скопје, а бесплатен ваучер во вредност од 100 денари граѓаните обезбедуваат доколку претходно направиле резервација преку Ресторани.мк (www.restorani.mk).