Фото: Игор Бансколиев

Анализата на ДЗС укажува дека дури 22 отсто од анкетираните домаќинства се изјасниле оти нивните примања не ги задоволуваат во целост потребите, додека 34,6 проценти главно не ги задоволуваат основните потреби што, според експертите, е уште еден индикатор за големата сиромаштија

Речиси педесет отсто од примањата во едно домаќинство се одвојуваат само за храна и за безалкохолни пијалаци, што значи дека граѓаните најмногу одвојуваат само за основни потреби, односно дека многу од нив се сиромашни. Во последната анализа на Државниот завод за статистика насловена „Потрошувачка на домаќинствата во Република Македонија, 2017“ има повеќе податоци што укажуваат дека македонските граѓани се борат со сиромаштијата. Кај употребените средства во домаќинствата се забележува дека скоро 40 отсто одат за храна и за пијалаци, овој трошок кај земјоделските семејства е уште поголем и достигнува 50 отсто. Од друга страна, многу од анкетираните се изјасниле дека приходите не ги задоволуваат основните потреби.

– Фактот дека голем број семејства трошат голем дел од својот доход, ако не и целиот, за задоволување на потребите за храна и за домување, недвосмислено говори за степенот на сиромаштија во нашето општество. Стапката на сиромаштија е 21,9 отсто. И во „Фајненс тинк“ преку различни истражувања, доаѓаме до слични поразителни статистики. Но, треба да се забележи и тоа дека луѓето често се сметаат за посиромашни од тоа што се според нивниот доход. На пример, неодамнешно наше истражување најде дека 33 отсто од домаќинствата се перципираат себеси за сиромашни – велат од институтот за економски истражувања и политики „Фајненс тинк“.

Од институтот велат дека најздрав начин да се излезе од сиромаштија е да се работи, да се бара и да се прифаќа работа. Иако истакнуваат дека креирањето работни места во Македонија не оди лесно, сепак, укажуваат на уште еден феномен карактеристичен за нашата земја.
– Одредени сектори тешко може да најдат работници, поради тоа што нема адекватни профили, или поради пребирливоста, или поради потребата да се надградуваат работните навики. Особено на почетокот на работната кариера, неопходно е граѓаните да прифаќаат и помалку платени работни места и работни места што не се најсоодветни на нивните квалификации. Така стекнуваат искуство, мрежа од контакти, ги подобруваат работните навики, што се неопходни услови за наоѓање адекватна и подобро платена работа – додаваат од „Фајненс тинк“.

Од институтот посочуваат дека исто така сиромаштијата треба да се намали и преку системот на социјална помош, особено за лица што се привремено невработени и за оние што не се работоспособни. Од „Фајненс тинк“ појаснуваат дека системот треба да биде доволен за да ги извлече од апсолутна сиромаштија, но не треба да ги обесхрабри работоспособните приматели да бараат и да прифаќаат работа.
– Ние неодамна направивме и предлог-мерка за гарантиран минимален доход, според која, четиричлено семејство може да добива и до 10.800 денари социјална помош, доколку нема доход или има доход понизок од овој, за да може да ги обезбедува своите животни потреби. Симулациите покажаа дека овој износ нема дестимулативно да влијае врз лицата да бараат и да прифаќаат работа, бидејќи е сепак понизок од минималната плата – појаснуваат од институтот.

Истата анализа на ДЗС укажува дека од анкетираните домаќинства дури 22 отсто се изјасниле дека нивните примања не ги задоволуваат во целост потребите, додека 34,6 проценти дека главно не ги задоволуваат основните потреби. Овие податоци, според експертите, се уште еден индикатор за сиромаштија.
– Врз основа на податоците од Државниот завод за статистика, стапката на сиромашни лица во Република Македонија изнесуваше 21,9 процент. Доколку ги споредиме нашите податоците со ЕУ 28 каде што стапката на сиромашни лица во 2016 година изнесуваше 17,2 отсто, ќе забележиме дека нашата стапка на сиромашни лица е за околу 5 процентни поени повисока, но доколку анализираме по поединечни земји ќе видиме дека три земји од ЕУ имаат и повисока стапка – вели д-р Емилија Стевановска, редовна професорка на БАС – Институт за менаџмент.
Стевановска истакнува дека иако стапката на сиромаштија не отстапува во голема мера од онаа на ЕУ, сепак се добива поинаков впечаток кога ќе ги погледнеме податоците за потрошувачката на домаќинствата.

– Половината домаќинства во Македонија имаат тешкотии во задоволување на основните потреби. Имено, во статистичкиот преглед за потрошувачката на домаќинствата во 2017 година, 22,0 отсто од домаќинствата наведуваат дека нивните месечни приходи не ги задоволуваат во целост нивните потреби, а, пак, 34,6 проценти се изјасниле дека главно не ги задоволуваат. Тогаш имаме состојба од 56,6 отсто од домаќинствата чиишто потреби главно или во целост не можат да бидат задоволени – истакнува Стевановска.
Таа посочува дека мерки за намалување на сиромаштијата се подигнувањето на економскиот раст во државата, зголемените инвестиции и зголемување на бројот на вработени лица.