Фото: Дарко Андоновски

Корисниците на јавниот градски превоз деновиве се изнашетаа низ градов за да стигнат до билетарниците на Јавното сообраќајно претпријатие за да ги надополнат картичките „скопска“. Граѓаните се револтирани бидејќи не се во можност да ја добијат досегашната услуга во маркетите и трафиките близу нивните домови, затоа што претпријатието сѐ уште инсталира свои апарати во продажната мрежа. Револтот на скопјани е дотолку поголем затоа што претпријатието знаело дека договорот со фирмата што претходно ја инсталираше и одржуваше апаратурата истекува и токму затоа велат дека претпријатието требало навреме да ги заврши потребните работи. За настанатите промени во апаратурата за надополнување, патници вчера реагирале и кај контролорите на ЈСП Скопје и од нив побарале да ги пренесат нивните реакции до надлежните, затоа што никој не им одговарал на нивните реакции на веб-страницата на претпријатието.

– Ако од ЈСП знаеле кога и точно на кој датум им истекува договорот со претходната фирма, зошто тогаш навреме не си ги презедоа сите активности, за да не нѐ шетаат нас граѓаните. Вчера морав да пешачам две станици уморна по работа за да ја надополнам картичката во некоја билетарница на ЈСП, затоа што во трафиката каде што живеам уште не им ставиле нов апарат. Каков е овој начин постојано да нѐ малтретираат нас граѓаните, а им даваме одеднаш пари за билет што уште не сме го искористиле или најмалку ни бараат 100 денари, за кои ни трипати не можеме да се качиме во автобус – вели скопјанката Маре Николова.

Од ЈСП Скопје вчера соопштија дека оспособиле 45 апарати од интегрираниот тарифен систем во секундарната продажна мрежа, што значи дека, освен во 32 билетарници, „скопска“ може да се надополнува и на уште 45 локации (маркети, трафики и слично) на најфреквентните места низ градот. Велат дека е планирано до среда, 6 јуни 2018 година, во функција да бидат ставени уште 15 апарати.
Сакаме да истакнеме дека ЈСП Скопје уште истиот ден, на 28 мај 2018 година, кога истече договорот со фирмата, мастер-дилер за продажба на нашите услуги, почна да ги оспособува апаратите во секундарната продажна мрежа. Во меѓувреме, ЈСП Скопје објави јавен повик до сите заинтересирани субјекти за соработка, што значи дека продажната мрежа ќе се шири, велат во соопштението од ЈСП.