Хумани патроли и грижа за возрасните карпошани

Општината Карпош преку реализација на проектот насловен „Хумани патроли“ ќе им овозможи зголемена грижа и нега на своите највозрасни граѓани и снеможени лица. Проектот предвидува домашни посети и давање медицинска поддршка, која ќе биде обезбедена преку општината.
– Локалната самоуправа за овој проект аплицира до Министерството за труд и социјална политика и оваа година се очекува неговата реализација. Градоначалникот и советниците разговараа со највозрасните карпошани за активностите од изминатиот период, но и за претстојните предизвици -информираат од општината Карпош.
Како што кажа градоначалникот на Карпош, Стефан Богоев, општината ќе продолжи да им биде партнер на највозрасните, а најави и отворање два нови пензионерски клуба.

На пластичарската улица се работи забрзано

„Пластичарска – чекор по чекор“ напиша на својот фејсбук-профил градоначалникот на Скопје, Петре Шилегов, илустрирајќи со мноштво фотографии како забрзано се одвиваат градежните работи на оваа сообраќајница.
Градежните зафати на улицата Никола Карев, во оваа прва фаза се одвиваат во должина од 1.440 метри, и тоа од клучката кај Бит-пазар до влезот на касарната „Илинден“. Проширувањето на познатата пластичарска улица треба да заврши до април. Со реконструкцијата и проширувањето, оваа сообраќајница ќе добие четири ленти, пешачка и велосипедска патека, како и средишно булеварско зеленило.