Изгаснати девет огна на отворено за седум дена

Скопската противпожарна бригада од 30 јануари до 5 февруари 2020 година на телефонскиот број 193, кој е дел од кампањата „Пријави оган на отворено“, регистрирала девет пријави од граѓаните. Во сите девет случаи пожарникарите излегле на терен со противпожарни возила и го изгаснале огнот што горел на отворено.
– Во сезоната со зголемено загадување на воздухот, градот Скопје ја продолжи кампањата за пријавување огнови на отворено на бесплатната телефонска линија 193. Преку својот инспекторат и Територијалната единица за противпожарна заштита, а во соработка со Министерството за труд и социјална политика, Министерството за внатрешни работи и Црвениот крст, организира мешани тимови, кои работат секој ден, 24 часа, и се справуваат со огновите на отворено. Оваа кампања се спроведува трета година по ред и досега има одлични резултати – велат од градот.
Оттаму, како и од Бригадата за противпожарна заштита, апелираат граѓаните да ги пријавуваат сите случаи на палење оган на отворено, за да може огнот што побрзо да се изгаси, а сторителите да се санкционираат.

Зимските служби на Карпош и на Ѓорче излегоа на терен

Зимските служби на општината Карпош ги расчистуваа од снег и мраз улиците во Жданец, Трнодол и Бардовци. Работниците на терен распрскуваa сол, за да се стопи мразот и да се овозможат побезбедни улици за движење.
Од општината Карпош вчера информираа дека механизацијата вчераутро главно работела на повисоките места, каде што постои поголема опасност за движење на граѓаните и нивните возила.
– Во текот на завчерашниот ден, на дел од улиците беше истурена и посебна течност, која го заштитува коловозот од замрзнување. Локалната самоуправа продолжува да ги следи временските услови и навремено да реагира ако има нови снежни врнежи – велат од општината Карпош.
За да се спречи појава на мраз на коловозот и тротоарите вчераутро на терен беше излезена и зимската служба на општината Ѓорче Петров, која фрлаше сол и рачно и со цистерни распрскуваше емулзија што го топи снегот на температури под нулата. Кризниот штаб на оваа скопска општина обезбеди 24-часовна дежурна екипа што се грижи за проодноста на мостот кај Даме Груев.
Механизација на терен вчера имаше и во скопската општина Сопиште, каде што наврна најмногу снег.