Постојните патеки узурпирани од паркирани автомобили Фото: Дарко Андоновски

Од ден на ден по скопските улици и булевари како сѐ повеќе да се зголемува бројот на моторните возила, а тоа го потврдуваат сѐ подолгите колони од автомобили. Ваквиот сообраќаен метеж ги прави возачите нервозни, бидејќи во синџирот од возила секој ден губат многу драгоцено време чекајќи во редот. На некои сообраќајници се случува и по двапати да се затвори семафорот, пред да дојде некој на ред за да помине на зелено светло. Токму затоа идејата за користење велосипед како транспортно средство во нашиот град за многумина станува сѐ попрактична.

Сѐ повеќе граѓани одлучуваат да си купат велосипеди, а оние што веќе ги имаат ги користат како замена за своите автомобили. Тоа го потврдија и последните информации дека во градот пристигнале голем број барања, кои ги исцрпија средствата од вториот круг субвенции за купување велосипеди. Некои граѓани велосипедот го користат како превозно средство заради користа во однос на здравјето, други, пак, заради намалување на финансиските трошоци. За многумина, пак, велосипедот нуди поголема подвижност, пристапност до одредена дестинација особено во време на сообраќаен метеж. Неговата употреба несомнено овозможува многу бенефиции за човекот, но за да се вози велосипед во урбано Скопје не е потребно само да се поседува велосипед и да се има желба да се вози. На градот му е потребна многу повеќе велосипедска инфраструктура. Може да велиме дека во Скопје почнува да се менува свеста за употребата на велосипеди, но сепак треба да се напомене дека е потребна поголема ангажираност од градските и од локалните власти за обезбедување нови велосипедски патеки. Потребна е и сообраќајна култура за да им се овозможи непречено движење на велосипедистите, кои често не можат да поминат од непрописно паркирани возила, столпчиња, билборди, испречени производи од маркети, маси и столчиња од угостителски објекти….

– Во некои делови на градот инфраструктурата за велосипедистите е значително подобрена, бидејќи има обележани патеки со сигнализација. Но од друга страна, пак, воопшто нема велосипедски патеки или, пак, се узурпирани со непрописно паркирани автомобили – вели Петре Лазевски.
Велосипедистите имаат и друга мака, кога станува збор за тоа колку простори има во градот за безбедно оставање на нивните велосипеди.
Неодамна беше реализиран проектот „Заеднички за подобра животна средина во Карпош“ од градоначалникот Стефан Богоев, во кој беа промовирани 60 нови паркинг-места за велосипеди поставени на четири фреквентни локации. И тоа наиде на добар одѕив кај граѓаните, бидејќи ваквите места се навистина потребни.
– Оваа мерка сама по себе не е доволна за зголемување на користењето велосипед како превозно средство и затоа, како локална самоуправа, се посветивме кон обезбедување посигурни велосипедски патеки и паркинзи на територијата на Карпош – вели Богоев.

Теоретски велосипедот е најдобро решение за транспорт во град како нашиот, а практично велосипедистите се соочуваат со низа тешкотии при транспортот. Мерките што ги преземаат градот Скопје и општината Карпош се добредојдени и се во позитивна насока, а сепак реалната ситуацијата е далеку од задоволителна. Велосипедистите многу често се принудени да се движат заедно со моторните возила на коловозот, каде што можат да се соочат со многу опасни ситуации. Како пример можеме да ги земеме дестинациите до Визбегово или до Радишани. По кој било пат да се оди за да се стигне до овие населени места може да се наиде на велосипедски патеки зафатени од несоодветно паркирани возила или, пак, на сообраќаен пат без велосипедска патека. Во тој случај велосипедистите се принудени да се приклучат на патот што го користат моторните возилата, а со тоа да си го изложат животот во опасност.
Според последната „Студијата за анализа на безбедност на ранливите категории на учесници во патниот сообраќај во Република Македонија“, направена од Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата (РСБСП), во периодот од 2013 до 2015 година, од 768 случени сообраќајни несреќи, 48 се несреќи во кои настраданите се велосипедисти. Според оваа студија, бројот на сообраќајните несреќи на велосипедистите е релативно мал. Сепак, потребата за издвојување повеќе пешачки и велосипедски патеки од моторниот сообраќај, би обезбедиле подобра безбедноста во сообраќајот за велосипедистите.

Ова е важно и од аспект на постојаното населување и ширење на градот Скопје.
Од РСБСП препорачуваат дека е потребно да се зголеми одговорноста на моторизираните учесници во сообраќајот во однос на ризиците создадени за ранливите категории учесници во сообраќајот. Пешаците и велосипедистите што не полагале возачки испит треба да се едуцираат за подобро да ги запознаат сообраќајните правила и прописи.
И во нивната студија препорачуваат да се разгледа можноста, велосипедистите да имаат приоритет над моторниот сообраќај, особено во области каде што велосипедските патеки поминуваат низ места со помал интензитет на сообраќајот.