Фото: Игор Бансколиев

За да се решат инфраструктурните проблеми на територијата на Општина Центар, обезбедени се 79.500.000 денари од буџетот на Општина Центар за 2021 година, за реконструкција на повеќе улици во локалитетите Крњево, Буњаковец, Дебар Маало, Капиштец, Водно и Маџир Маало, како и десет милиони денари за изградба на нов монтажен паркинг. Планирани се осум милиони денари финансиски средства од буџетот за модернизација на системот за јавно осветлување и воведување нова ЛЕД-технологија, како и 11.900.000 денари за нова урбана опрема, јавно зеленило и одржување на постојното на територијата на Центар, велат од Општината

Реконструкција на улици, модернизација на уличното осветлување, изградба на детски игралишта, уредување дворови на градинки, реконструкција на фасади и многу други проекти се активностите на кои Општина Центар го посвети годинашниот буџет, кој беше усвоен на 58-та седница на Советот на општината.
Како што најавуваат локалните власти, основниот буџет на Општината изнесува 756.100.000 денари, со што ќе се реализира финансирање на сите надлежности на Општината и ќе се реализираат развојните проекти и активности на општинските сектори.
– Новите капитални инфраструктурни инвестиции се предвидени за целосна реконструкција на улицата Орце Николов, со финансиски износ од 70 милиони денари, каде што ќе биде воведен нов сообраќаен режим (кружен тек и пешачки патеки), нов коловоз, тротоари и улично осветлување. Исто така, 80 милиони денари ќе бидат обезбедени од буџетот на Општина Центар за реконструкција и пренамена на улицата Мирослав Крлежа во пешачка и резиденцијална зона и за комплетна реконструкција на улицата Аминта Трети – информираат општинските власти.
Градоначалникот на Општина Центар, Саша Богдановиќ, на прес-конференција ја најави изградбата на новата детска градинка во населбата Пролет, каде што вкупната проектирана вредност на проектот изнесува 90 милиони денари, од кои 30 милиони денари ќе бидат обезбедени во 2021 година за целосно опремување и партерно уредување на градинката, на површина од 3.000 квадратни метри.

– Во програмата за образование ќе биде опфатен и проектот за доградба на училниците во ООУ „Коле Неделковски“, со површина од 500 квадратни метри, и на тој начин ќе се зголеми капацитетот за нови ученици. За оваа реконструкција, која се планира да заврши во 2022 година, обезбедени се вкупно 40 милиони денари за период од две години – информираат од Центар.
Оттаму додаваат дека во буџетот се предвидени финансиски средства и за подобрување на енергетската ефикасност во градинките и основните училишта на територијата на Општината, со што ќе се заштеди на топлинска и електрична енергија. За таа цел ќе бидат реконструирани фасадите во градинката „13 Ноември“ – објект „Јасмин“ и во ООУ „Кочо Рацин“. За реконструкцијата ќе се одвојат повеќе од десет милиони денари, а исто толку финансиски средства ќе се обезбедат за реконструкција на фасади на станбени објекти во Центар.
– За да се решат инфраструктурните проблеми на територијата на Општина Центар, обезбедени се 79.500.000 денари од буџетот на Општина Центар за 2021 година, за реконструкција на повеќе улици во локалитетите Крњево, Буњаковец, Дебар Маало, Капиштец, Водно и Маџир Маало, како и десет милиони денари за изградба на нов монтажен паркинг. Планирани се осум милиони денари финансиски средства од буџетот за модернизација на системот за јавно осветлување и воведување нова ЛЕД-технологија, како и 11.900.000 денари за нова урбана опрема, јавно зеленило и одржување на постојното на територијата на Центар – велат од Општината.
Како што најавуваат оттаму, во Центар ќе се градат три нови детски игралишта, во населбите Кале, Маџир Маало и Капиштец, во рамките на матичниот објект на ЈУДГ ОЦ „Кочо Рацин“, и ќе се реконструираат шест детски игралишта на разни локации на територијата на Центар.
Финансиски средства ќе се одвојат и за зачувување на животната средина во општината. Со буџетот за 2021 година, Општината ќе набави три нови комунални возила за одржување на јавната хигиена и чистота во Центар. За таа цел Општината обезбеди 18 милиони денари.

– За одржување и заштита на локалните патишта се планирани 18.650.000 денари и девет милиони денари субвенции за жителите што ќе се вклучат во процесот на рециклирање во проектот „И отпадот има вредност“ – информираат од Центар.
Другите средства што се планираат во буџетот на Општина Центар годинава година се предвидени за КК Работнички, во износ од десет милиони денари, за урбанистичко планирање во Општина Центар ќе бидат обезбедени 26.950.000 денари, додека пак 14.500.000 денари се планирани за рушење на бесправно изградени објекти во Центар, три милиони денари за финансиска поддршка за поправка и санација на постојни покривни конструкции и лифтови, 1.500.000 денари за програмски активности на здруженија и фондации и два милиони денари за меѓуопштинска соработка со Град Скопје, за поддршка на новоотворениот стационар „Лајка“.
– Проекти што ќе продолжат да се реализираат во Општина Центар и се опфатени во рамките на новиот буџет за 2021 година се: Центар за грижа на возрасните, еднократна помош за новороденчиња и социјално загрозени семејства, стипендии за талентирани ученици и ученици од семејства во социјален ризик, награда „Феникс“, награди за најдобрите наставници и негувателки, како и обезбедување средства за хигиена и тековно оперативни трошоци во градинките и основните училишта во Општина Центар – велат општинските власти.

[email protected]