Јавното претпријатие „Водовод и канализација“ – Скопје континуирано продолжува со инвестициите во своите капацитети за подобрување и унапредување на работните процеси во согласност со европските стандарди. На овој начин претпријатието овозможува услови за исполнување на сите работни процеси што се директно поврзани со неговата дејност, а се однесуваат на потребите на граѓаните на Скопје. ЈП „Водовод и канализација“, поставувајќи стандарди на работа во согласност со европските регулативи и директиви, прераснува во јавно претпријатие што го достигнува нивото на претпријатијата од истиот домен во европски рамки.
Секторот за санитарна контрола во рамките на водоводното претпријатие, во согласност со инвестициската програма, пристапи кон обновување и доопремување на хемиската лабораторија со апаратура за гасна хроматографија и атомска апсорпција на жива во примероци на вода.

– Во согласност со потребите и прогресивниот развој на лабораториите во Секторот за санитарна контрола при ЈП „Водовод и канализација“- Скопје, се пристапи кон набавка на нова опрема за хемиската лабораторија за гасна хроматографија и атомска апсорпција на жива во примероци на вода. Имено, во хемиската лабораторија се инсталира систем за продукција на ултрачиста дејонизирана вода, кој произведува лабораториска вода тип 1, тип 2 и тип 3, како и атомски апсорбер за анализа на жива, кој е единствен во државата од ваков тип и со кој може да се анализираат примероци во цврста и течна состојба. За исполнување на барањата од Правилникот за вода за пиење 183 од 2018 година, хемиската лабораторија се доопреми и со анализер за вкупен органски јаглерод и гасен хроматограф, уникатна опрема со која се изведуваат анализи од параметарот трихалометани. Паралелно со процесот на набавка на новата опрема се спроведе и обука на персоналот.

Со исполнување на овој циклус во хемиската лабораторија, Секторот за санитарна контрола стана единствена институција во државата во која може да се изведуваат анализи од овој тип – посочи Душко Весковски, генерален директор на ЈП „Водовод и канализација“ – Скопје.
Ова е само уште еден доказ дека Секторот за санитарна контрола е чекор понапред во својата работа, која ја извршува одговорно, транспарентно и во согласност со сите европски стандарди, регулативи и директиви.