„Негувањето на мајчиниот јазик е наш долг и наше наследство“ беше темата на која пишуваа лични творби ученици од основните училишта на општината Кисела Вода. Учениците на најдобрите творби добија благодарници.
По повод Меѓународниот ден на мајчиниот јазик, 21 февруари, во општината Кисела Вода се одржа културнa манифестација, на која ученици од општинските основни училишта читаа лични литературни творби. Преку нив тие испратија пораки за негување на македонскиот јазик.

– На настанот организиран од страна на Секторот за образование, предучилишно воспитување, култура и спорт пред присутните за значењето на јазиците говореше Весна Костовска, виша научна соработничка од институтот за македонски јазик „Крсте Петков Мисирков“. По ова, секретарот на општината Кисела Вода, Александар Алексовски, на учениците што твореа на тема „Негувањето на мајчиниот јазик е наш долг и наше наследство“ за победничките литературни творби им врачи благодарници -информираат од општината Кисела Вода.

Благодарница и беше врачена и на Весна Костовска од Институтот за македонски јазик.
Меѓународниот ден на мајчиниот јазик, УНЕСКО го прогласи на 30-та сесија на генералната конференција во 1999 година. Во 2000 година овој ден е промовиран и како Ден на лингвистичката и културната разновидност и повеќејазичност.