Во Карпош се санираат ударни дупки

Во општината Карпош, се реконструирани повеќе ударни дупки по должината на улицата Козле 10. Со санацијата беше опфатена површина од 300 квадратни метри. Исто така, службите и механизацијата што ги ангажираше локалната самоуправа, ќе продолжат со работа и санација на ударни дупки во населбата Нерези, а веќе е саниран и дел од улиците во населеното место Злокуќани.
– Локалната самоуправа работи и на поголеми инфраструктурни зафати во населеното место Бардовци, каде што во тек е реконструкција на крак од улицата 18, а целосно е завршена обновата на крак од улицата 4. За оваа година, се одвоени 10 милиони денари буџетски средства за реконструкција на локалните улици во општината – информираат од Карпош.

Општината Бутел отвори телефонски број за граѓаните

Општината Бутел отвори дежурен телефонски број, 075 249-314, наменет за своите жители. На овој број тие деноноќно ќе можат да пријават нерегуларности во делот на комуналните работи, животна средина и урбанизмот. На истиот број ќе можат да пријавуваат палење смет, токсичен отпад, уништување јавно зеленило, дефекти на улично осветлување, уништување детски игралишта и паркови, диви депонии, нелегално градење и друго. На некој начин, граѓаните ќе станат чувари на своето општинско добро и на природата.
– На дежурниот телефонски број ќе се пријавуваат сите нерегуларности што се во надлежност на општината, а со тоа ќе им се олесни работата на инспекциските служби, бидејќи со директна пријава кај нив, тие ќе можат навреме да интервенираат – сметаат од општината Бутел.

Во Шуто Оризари ќе се гради атмосферска мрежа

Општината Шуто Оризари, во согласност со предвидените средства, изработи шест главни проекти со ревизија за изградба на атмосферска канализациска мрежа на неколку улици во урбаниот дел на општината. Атмосферска канализација ќе добијат дел од улиците Нов живот и Индира Ганди, потоа улицата Гарсија Лорка, дел од Вашингтонска и Гвадалахара, како и улицата Че Гевара.
– Преку е-одобрение за градба, во тек е постапка за изработка на одобрение за градба. Реконструираната атмосферска канализациска мрежа ќе води кон унапредување и заштита на животната средина и ќе спречи формирање септички јами и загадени води – сметаат од општината Шуто Оризари.