Фото: Општина Кавадарци и Здружението „Тиквешки цветови“

Прво издание на литературната манифестација „Дванаесет тивки ѕвезди 1943“

Таму во прекрасното Моклиште, близу Ваташа, каде што се наоѓа спомен-обележјето на дванаесетте ваташки младинци и каде што секојдневно во зелената трева чекорат нозете на некоја нова младост во слобода, во саботата на 13 јуни 2026 година, во организација на Здружението на поети и писатели „Тиквешки цветови“ од Кавадарци, се одржа првата литературна манифестација „Дванаесет тивки ѕвезди 1943“. На манифестацијата ѝ претходеше литературен конкурс ,на кој пристигнаа дури 125 литературни творби, во најголем дел поезија, кои беа објавени во книга, со што здружението покажа дека времето е немоќно пред споменот за дванаесетте ваташки чеда од тој кобен 16 јуни и нивниот крик за слобода и денес силно одекнува преку стиховите и прозните дела инспирирани од тој трагичен чин.

Целата манифестација беше осмислена во симболот на бројот 12, пред бистите на дванаесетте младинци, со 12 факли, дванаесет бели рози на 12-те празни столчиња на кои беа необлечените 12 маици, 12 дрвца што беа посадени, 12 лаванди и дванаесетте награди за најдобрите литературни творби што пристигнаа речиси од сите градови во Македонија, дури и од Италија, Србија, Канада и Австралија, каде што живеат наши иселеници. Големиот број литературни творби што пристигнаа на конкурсот, со одличен квалитет според оценката на стручното жири, уште еднаш ги потврдија симболот на непокор и чистата љубов кон татковината на овие македонски чеда, кои останаа вечно млади. Многубројните творби и присуството на високи еминентни гости на манифестацијата претставуваа неизмерна почит кон ова свето место, да не се дозволи да избледи споменот на нивната жртва.
– Денес стоиме на место каде што времето не успеало да ја избрише болката ниту споменот. Стоиме со наведнати глави пред дванаесетте ваташки младинци, чии животи беа прекинати прерано, а чии имиња останаа врежани во свеста на нашиот народ. Осумдесет и три години подоцна, нивната младост не е само историски спомен. Таа е завет. Зад секое име што денес го слушнавме стои еден неостварен сон, едно семејство и една надеж што никогаш не згаснала. Особено ме радува што денес овде не сме собрани само да се сеќаваме туку и да создаваме. Преку пишаниот збор, поезијата и литературата, оваа манифестација испраќа порака дека споменот може да обединува, а не да разделува. Токму затоа „Дванаесет тивки ѕвезди“ е настан на достоинство, човечност и културата на паметењето. Горди сме што од Ваташа и Кавадарци денес се испраќа глас што допира до луѓето од цела Македонија и до многу земји во светот. Тоа покажува дека приказната за овие дванаесет младинци одамна ги надминала локалните рамки и станала универзална порака против неправдата и насилството. Наша обврска е да паметиме, но и да градиме иднина во која младоста ќе биде симбол на живот, создавање и надеж. Затоа денес садиме дрвца, затоа палиме факли и затоа пишуваме стихови – за да покажеме дека животот победува, а споменот останува вечен – подвлече во своето обраќање градоначалникот на Кавадарци, Митко Јанчев.

Фото: Општина Кавадарци и Здружението „Тиквешки цветови“

Манифестацијата „Дванаесет тивки ѕвезди 1943“ има цел преку литературата, уметноста, музиката и меморијалните активности да создаде простор за тивко и достоинствено сеќавање. Таа ја поврзува историјата со современото време, овозможувајќи младите генерации да ја запознаат вистината за минатото преку културен и едукативен пристап. Особено е значајно тоа што ова одбележување се развива како трајна културна манифестација во Кавадарци, со тенденција да прерасне во традиција што ќе го негува колективното паметење. Со присуството на потомците и семејствата на младинците од Ваташа, почесните гости, манифестацијата создава жив меморијален простор – место каде тишината зборува повеќе од гласно искажаните зборови, а споменот продолжува да живее низ генерациите. Особена вредност за манифестацијата претставува благословот од неговото високо преосвештенство митрополит повардарски г. Агатангел и покровителството и поддршката од градоначалникот на Општина Кавадарци, Митко Јанчев, кој ја препозна важноста на оваа манифестација и даде институционална подршка за нејзино реализирање како традиционална – рече Марина Убавкова.

Вториот дел од манифестацијата продолжи во домот на културата „Иван Мазов Климе“, каде што претседателката на здружението „Тиквешки цветови“, Марија Црвенковска, им ги врачи наградите на наградените учесници на конкурсот. Највисоката гран при награда со одлука на жирито ја освои Наталија Диманоска од Битола за прозното дело „Здивот на Ваташа“. Другите награди ги добија: Магдалена Трпчевска Ристеска од Македонски Брод, Дана Тембелеска од Битола, Марко Томовски од Охрид, Божана Тренческа од Прилеп, Магдалена Иваноска од Торонто, Диме Ристов-Кана од Кавадарци, Благоја Георгиевски од Струмица и Јован Мазгански, Виолета Ристевска, Бојан Бежоски и Ѓорѓи Мешков. На манифестацијата присуствуваа дури 90 автори учесници на конкурсот, кои во повеќечасовната дружба имаа можност да ги презентираат своите литературни творби.

Во музичкиот дел на манифестацијата настапија дуото „Танини“, Талија и Никола Василови, и Милица Ризо Трајков.