Фото: ЕПА

Неколку интересни дискусии на европратениците при изјаснувањето за извештаите за Македонија, Албанија, Босна и Херцеговина, Косово и Црна Гора

Тони Гламчевски од Франција

Меѓу дискусиите на европратениците интересна беше забелешката на португалскиот европратеник Антонио Тангер Кореа во името на групата на Патриотите за Европа, кој е известувач во сенка за Босна и Македонија и поранешен претставник на Европската Унија за Западен Балкан, а бил и амбасадор во овие земји.
– Морам да ја изразам мојата длабока загриженост за пристапот на Европската Унија. Можам да ви кажам нешто: двете земји (Македонија и БиХ) беа многу поблиску до Европската Унија порано отколку што се сега, а тоа е наша вина. Тоа е вината што ги оставивме на мира. Оставањето на мира беше вина на Европската Унија. Што се однесува до С Македонија, се согласувам со мојот колега дека ни се потребни во Европската Унија, но не треба да се мешаме во нивниот политички систем и во нивните рамки. Ова оди многу подалеку од Копенхашките критериуми и не е прифатливо. Значи, ова не е политика на проширување. Ова е „раздели, па владеј“ и не можеме да се справиме со тоа. Се согласуваме со интеграцијата на овие земји. Не се согласуваме со мешањето во овие земји – заврши Антонио Тангер Кореа.

Но, од друга страна, како и што можеше да се очекува, сите бугарски европратеници од сите политички определувања во своите говори за напредокот на Македонија ја обвинија дека шири говор на омраза кон Бугарите, дека не се почитуваат нивните права, дека политичарите во Македонија употребуваат антибугарска реторика, дека човековите права во Македонија биле ставени под килим, дека јазикот на омраза води кон повеќе омраза.

Инцидентот во Скопје пред бугарската амбасада со подметнувањето на пожарот на службените автомобили на бугарската амбасада им дојде како „кец на десетка“, не чекајќи резултати од официјалната истрага. (Во Франција, за што „Нова Македонија“ пишуваше, имаше повеќе инциденти слични на овој, со ставање свински глави пред џамиите, пишување предизвикувачки пораки, за кои понатаму се покажа дека извршителите биле манипулирани од странски служби.)

Говорите на бугарските европратеници како да нѐ вратија пред периодот од потпишувањето на Преспанскиот договор, кога со исто така обвинувачки тонови кон Македонија се обраќаа грчките европратеници, а сега тоа го прават бугарските.
Известувачот Томас Вајц на крајот од дебатата истакна дека „вложувањето во помирувањето и инвестирањето во добри билатерални односи не е лесна задача, со директна порака до Софија.
– Мојата земја, Австрија, имаше потреба од 40 години за да признае дека сме соучесници во нацистичкиот режим. И ни беа потребни многу, многу години да инвестираме во добри соседски односи за да ги обновиме нашите односи со нашите соседи, тоа не беше лесна работа. Затоа што првиот чекор е да се признаат историските грешки, тоа не е лесно. Исто така и на вашите соседи. И ова е начинот на тоа како градиме добри билатерални односи.

Јасно е дека заштитата на малцинствата е дел од европскиот клуч и треба да се исполни. Вклучувањето на малцинствата, бугарските и другите во Уставот е јасен услов од страна на Европската Унија за С Македонија- потсети сепак Вајц
– И само да биде јасно, нападите врз малцинските институции или нападите врз дипломатскиот имот се апсолутно недозволени. Премиерот Мицкоски беше многу јасен, тој го осуди со силни зборови, сторителот беше уапсен и во моментов е испрашуван за неговата мотивација. И ова е начинот на кој државата треба да реагира и мислам дека е добро – рече тој како одговор на забелешките на европратениците од Бугарија.
Вајц порача дека Европската Унија не бара усогласување на историските учебници ниту оспорување на националните идентитети како услов за европска интеграција. Според него, меѓусебното почитување меѓу соседните држави е темел на соработката и добрососедските односи.
– Она што не е дел од европското законодавство се 100 отсто идентични историски учебници, дури и по 80 години од австриската историја по Втората светска војна. Ова не е нешто што се обидуваме да го постигнеме или што сме го постигнале со нашите соседни држави. Јас никогаш не би се осмелил да го доведам во прашање идентитетот на мојата соседна земја. Никогаш. Никогаш не би се осмелил да го доведам во прашање бугарскиот идентитет само затоа што сте биле 500 години под отоманска власт. Ова меѓусебно прифаќање помеѓу соседите е темел на соработката. И она што уште сакам да го кажам е дека, исто така, на нас тука, во Европската Унија, е да ја поддржиме платформата, да го поддржиме дијалогот, да ја вратиме довербата, да помогнеме со мали чекори за повторно да се изградат добри билатерални односи — во овој случај помеѓу Бугарија и Северна Македонија, но тоа е случај за целиот регион- истакна Вајц.

Но она што е неопходно да се издвои и треба да го има предвид македонската јавност е дека во предложените амандмани на својот извештај, Томас Вајц ја повикува Заедничката мултидисциплинарна комисија на експерти за историски и образовни прашања Бугарија-Македонија, формирана по Договорот за пријателство, добрососедство и соработка со Бугарија, да постигне јасни и конкретни резултати. Тој притоа нагласува дека содржината треба да го одразува толкувањето на историските факти и личности од заедничката историја на двата народа, врз основа на објективни, автентични и засновани на докази историски извори и документи, како и научно толкување на историските настани, како што е предвидено во вториот протокол од договорот со Бугарија.